Фото: Креирана илустрација

Командир и полицајци од Чегране ќе одговараат за прикривање дивоградби: ги прeиначувале поплаките за нелегално градење во „прекршоци за лажно пријавување“?

Петмина полицајци од Полициско одделение Чегране, меѓу кои и командирот, се соочуваат со кривична пријава за прикривање на дивоградби. Тие се осомничени дека ги преквалификувале поплаките за бесправно градење во прекршоци за лажно пријавување, соопшти полицијата.

Постапката е започната по основ на сомнение дека тие ја прикривале фактичката состојба во случаи на бесправно градење, со што го отежнале докажувањето пред суд или друг надлежен орган.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното ОЈО за ГОКК– Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција поднесе кривична пријава против Б.И., командир на Полициско одделение Чегране, К.Б., Т.Е., В.Т. и Б.Е. , сите полициски службеници од Полициско одделение Чегране при СВР Тетово, поради основи на сомнение за сторно кривично дело ‘попречување на правдата’, предвидено и казниво по член 368 став 8 од Кривичниот законик,“ се вели во соопштението.

Во текот на 2025 година, се додава, пријавените во повеќе наврати измениле службени материјали и ги преквалификувале поплаките за бесправно градење во прекршоци за лажно пријавување, без да ја констатираат фактичката состојба. На тој начин, се вели, подносителот на поплаките бил незаконски доведен во ситуација на кривично прогонување, а реалната состојба на бесправните објекти била прикриена.

Од МВР додаваат дека Министерството ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, која вклучува одземање на службеното оружје и муниција, како и задолжителни психолошки и психијатриски прегледи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот