Колку судии годинава биле „истресени од гаќи“?

Фото: Профимедиа

Шестотини триесет и девет судии му се потребни на македонското правосудство за да работи функционионално и да може навреме да ги завршува сите предмети. Таа бројка е според систематизацијата, но за жал, во моментов имаме само 506 судии. Ни фалат 133 судии, вели за „Слободен печат“ претседателот на Судскиот совет Киро Здравев.

Во Законот за судови, вели Здравев, прецизно се наведени причините поради кои може да се побара одговорност од судија или против него да се започне дициплинска постапка за нестручно и непрофесионално работење, односно од дисциплинските мерки може да има одредено опомена, јавна опомена или парична казна, а најстрогата е разрешување од функцијата.

– Секој граѓанин на Македонија има право до Судскиот совет да поднесе барање за одговорност на судија. Во тековната 2019 година до Советот има поднесено 60 претставки за судии. За тие претставки формираме Комисии кои имаат задача да ги испитуваат наводите, дали барањето е целосно, навремено и дали е неосновано. Комисиите се составени од тројца членови. Комисијата може едногласно да ја запре постапката, меѓутоа, ако во гласањето за предметот дојде „два према еден“ се прави известување и се оди на расправа во Судскиот совет. Против решението на Советот може да се поднесе жалба до Врховниот суд. Од тие 60 преставки до сега сменет е еден претседател на суд и двајца судии, за некои судии се запрени или отфрлени постапките, а за останатите постапката е во тек – вели Здравев.

Судиите и обвинителите во Македонија, барем до скоро време, ќе се спасат од ветинг во нивните редови. Тоа значи дека непрофесионалците и тие што „шуруваат“ со криминалци и политичари, а се од редовите на македонското судство и обвинителство, барем времено ќе се спасат од разрешување или отказ.

Постојат две причини за одложување на ветингот во овие доста проблематични институции. Првата причина за „стоп“ на ветингот во правосудството се предвремените парламентарни избори закажани за следната година, а вториот проблем е многу посериозен, а тој е малиот кадар на располагање кој би ги заменил разрешените судии и овбинители.

Според првата причина, како што велат од Владата на Македонија, актуелниот состав има краток временски период и не може професионално да го започне и спроведе тој процес бидејќи наближува времето за изборот на техничката (Пржинска) влада која од 3 јануари, па сè до изборот на нова Влада ќе раководи со земјава, а ќе има ограничени делувања и можности.

Според нашите соговорници од Владата на Македонија, доколку актуелните коалициски партнери повторно ја добијат довербата на граѓаните, меѓу првите работи кои ќе ги започнат напролет ќе биде и ветениот ветинг во правосудството.

Според систематизација, во државата се предвидени 639 судиски места, а моментално недостасуваат 133 судии. Помала, но исто така болна е и потребната бројка од околу 50 обвинители кои му фалат на Јавното обвинителство на Македонија. Но, тешко ќе оди пополнувањето на кадри во ОЈО со оглед на тоа што во Основните јавни обвинителства мора да влезат кадри со завршена Академија за судии и јавни обвинители. Следната генерација која ќе заврши академија е догодина.

Одамна е утврдено дека македонското правосудство е „рак рана“ на државава и постојано е критикувано, како од домашни, така и од странски еминентни иституции. Дека е потребен ветинг во овие две институции, пред скоро време потврди и самиот јавен обвинител на Македонија, Љубомир Јовевски.

Тој рече дека „поддржува таков процес, во кој, во рамките на обвинителството и судството ќе останат чесните судии и обвинителите со интегритет“.

И самата министерка за правда Рената Дескоска изјави дека се залагаат за ветинг и оти чесните судии и обвинители не треба да се плашат од злоупотреби при спроведување на тој процес.

И претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев, изјави дека е потребен ветинг во судството за да се отстранат сите сомнежи за чесноста на судиите.

– На ветингот гледам позитивно и немам никаков проблем со тоа. Сметам дека е потребно да се направи ветинг и во судството, со цел да се отстранат сите сомнежи по однос на чесноста на судиите – изјави Џолев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот