Илустрација: „Слободен печат“ Елисавета Бејкова
Илустрација: „Слободен печат“ Елисавета Бејкова

Колкави хонорари ќе земат овие доктори за да испитаат спорни кардиохируршки интервенции во Македонија?!

Поминаа 6 месеци во кои Министерството за здравство конечно ја формираше Комисијата од странски кардиолози за експертски да испитаат што се случувало во Македонија со кардиоваскуларните интервенции за кои професор доктор Сашко Кедев пријави дека наводно биле непотребни и спорни. Додека Министерството да ја формира странската експертска комисија од врвни лекари за срце, Кедев веќе си замина од Здравствениот совет наведувајќи една причина – „сметам дека започнатите контролни процеси треба да ги спроведуваат исклучиво компетентни кадри со докажан стручен и професионален кредибилитет“.

Лекарите од странство имаат една задача – да разгледаат конкретни медицински истории на десет пациенти за кои домашната комисија од лекари веќе даде индиции дека биле непотребно хируршки третирани во областа на кардиологијата. Нивната работа ќе биде платена од буџетот на сите граѓани, но Министерството за здравство на прашањата на „Слободен печат“ колку пари ќе земат за својот ангажман овие странски хирурзи и кардиоваскуларни и торакални специјалисти не е транспарентно.

Имено, прашањата кои ги упативме до кабинетот на министерот за здравство се однесуваат на конкретните суми што ќе им бидат исплатени на странските експерти кои веќе беа најавени – кардиохирургот Уголино Ливи од Италија, кардиоваскуларниот хирург Никола Лакиќ од Словенија и доктор Миха Черчек од Словенија. Единственото што го кажува Министерството за здравство во својот одговор е дека плаќањето ќе биде според учинок – колку материјали ќе разгледаат, толкав хонорар ќе биде исплатен. Но хонорарот засега е мистерија.

Досега не е извршена исплата на тројцата странски експерти за нивниот ангажман. Плаќањето ќе биде врз основа на прегледана документација за поединечен случај кој ќе биде предмет на разгледување од членовите на странската комисија, велат од Министерството за здравство за „Слободен печат“.

Доктор Уголино Ливи е пензиоинран кардиохирург од Италија, со искуство како редовен професор од областа кардиохирургија на Универзитетот во Удине, а бил ангажиран како визитинг професор на универзитетите „Стенфорд“ и „Сан Диего“ во САД. Тој има професионално искуство во областа на трансплантација на срце, а како експерт е член на уредувачките одбори на повеќе европски стручни списанија во оваа област.

Доктор Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија има повеќегодишно работно искуство на раководна позиција во Универзитетскиот медицински центар Љубљана. Тој е доктор на науки на Универзитетот во Марибор и има објавено повеќе стручни трудови посветени на кардиоваскуларната хирургија.

Доктор Черчек Миха е интервентен кардиолог од Словенија, со долгогодишно искуство на одделот за кардиологија (единица за коронарен третман), при Универзитетскиот медицински центар Љубљана. Овој експерт, исто така, има стекнато титула доктор на биомедицински науки на Универзитетот во Љубљана.

Пред три месеци домашната комисија составена од доктори од Македонија, на прес-конференција соопшти дека од 19 случаи што ги анализирале, кај 10 случаи операциите биле непотребно извршени или пациентите биле непотребно упатени за операции.

Основната причина поради која се формираа комисиите за испитување на кардиолошки и кардиохируршки интервенции во земјава беше изјавата што во „Стадион“ на радио „Канал 77“ ја даде доктор Сашко Кедев. Тој во август 2025 година изјави:

-Најголемиот дел од мојата консултативна активност е во одвраќање на луѓе од непотребни интервенции, непотребни стентирања, непотребни операции. Ние во моментот се соочуваме со нешто застрашувачко, а тоа се тие непотребни интервенции што се профит-ориентирани. Имаме пролиферација на приватни болници, на кои интересот им е профитот. Тоа се лесно докажливи работи, ние имаме докази дека одредени центри треба да се затворат од медицински аспект. Да се случува тоа во Англија или Америка тоа ќе биде под клуч. Оперирале без потреба, сечеле граден кош без потреба, имаме докази за тоа. Тоа е фасцинантно нешто, за  што треба релевантните институции да преземат нешто, пред сè Министерството за здравство и Фондот, бидејќи тие плаќаат за некои од овие интервенции. Зборуваме за многу сериозни етички проблеми, поврзани со профит, рече Кедев.

Оваа изјава го мотивираше министерот за здравство Азир Алиу да формира прво домашна, а потоа и странска комисија која требаше да испита што се случува и дали се почитуваат протоколите кога некој се упатува на кардиохируршка и кардиоваскуларна операција.

-Кога ќе биде готов извештајот на експертите, тој ќе биде добар патоказ за што понатаму, дали ќе треба да се измени некој закон, дали ќе треба да се направи некој друг стандард, некој друг протокол за здравствената патека, рече Алиу за целта на овие комисии. 

Тој увери дека извештајот на странските експерти ќе биде јавен, иако домашната комисија воопшто не откри во кои болници биле направени 10-те наводно непотребни операции во земјава, ниту пак кои доктори ги вршеле тие интервенции.

 

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот