Колите се продадоа како алва, но слабо интерес за „становите на Груевски“: што продаваше Агенцијата за одземен имот на последната аукција?
Последната аукција на Агенцијата за одземен имот, според цените на возилата кои ги продаваше, може да се заклучи дека се одвивала добро, објави „Фактор“.
Препорачано
Од податоците, објавени на нејзината веб-страница, на продажба биле ставени вкупно девет возила, поточно осум возила и една полуприколка. Со оглед на фактот дека за сите нив е понудена повисока цена од почетната, се вели во текстот на „Фактор“, очекувано е дека се продадени.
За разлика од возилата, интерес не бил покажан за становите на Водно кои ги продава Агенцијата, а кои јавноста ги поврзува со поранешниот премиер Никола Груевски.
Колите распродадени за повисоки цени
На аукцијата на Агенцијата за управување со одземен имот биле понудени повеќе возила, при што најголем интерес имало за автомобилите. „Ауди А4“, кој според фотографиите подолго време бил паркиран и запуштен, сепак привлекол повеќе купувачи – од почетна цена од 649.300 денари, неговата вредност на крајот достигнала 681.300 денари.
За „мерцедес Е250“ била поднесена само една понуда, па возилото било продадено по почетната цена од околу 630.000 денари.
Интерес имало и за „фолксваген пасат 2.0“, чија цена пораснала од почетните 105.000 на 152.000 денари, како и за уште едно возило од марката „ауди“, кое било продадено за 37.000 денари.
Меѓу запленетите возила се продавале и комбе „мерцедес спринтер“, за кое последната понуда достигнала 158.000 денари, како и камион „мерцедес ПЛ113 42“, чија цена значително пораснала – од 48.000 на дури 260.000 денари. На продажба бил понуден и автобус, кој од почетна цена од 811.800 денари стигнал до финални 814.800 денари, додека за полуприколката не биле доставени понуди.
Немало интерес за „становите на Груевски“
Становите, кои Обвинителството ги третираше како скриен имот на поранешниот премиер, беа одземени со пресудата за предметот „Плацеви на Водно“ и ова е втор обид тие да бидат продадени.
Станува збор за три луксузни апартмани со вкупна површина од околу 750 квадратни метри, лоцирани на Водно и со поглед кон Скопје. Првичната проценка изнесуваше 2,4 милиони евра, но цената сега е намалена на 1,843 милиони евра.
Груевски во предметот „Плацеви на Водно“ првично беше осуден на седум години затвор, а Апелацискиот суд подоцна ја зголеми казната на девет години, поради нелегално купување на плацеви и злоупотреба на партиски донации во износ од околу 1,3 милиони евра.


