Колекторскиот систем на Охридското Езеро со децении работи без дозвола за пречистување отпадни води
Колекторскиот систем нема протокомери за мерење на влезната отпадна вода, нема СКАДА систем за мониторинг и контрола, нема агрегати за резервно напојување со струја, а нема ни сопствен информациски систем за корисници.
Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди сериозни неправилности во работењето на Јавното претпријатие Колекторски систем – Скопје, поради што за финансиските извештаи за 2024 година е изразено неповолно ревизорско мислење.
Препорачано
Во ревизорскиот извештај се наведува дека финансиските извештаи на претпријатието не ја прикажуваат реално и објективно финансиската состојба, а утврдени се и неусогласености со законската регулатива и воспоставените политики.
Системот работи без дозвола и без основна техничка опрема
Ревизијата утврдила дека претпријатието од основањето до денес нема добиено дозвола за собирање, одведување и за пречистување отпадни води, која ја издава Министерството за животна средина.
Колекторскиот систем, исто така, нема протокомери за мерење на влезната отпадна вода, нема СКАДА систем за мониторинг и контрола, нема агрегати за резервно напојување со струја, а нема ни сопствен информациски систем за корисници.
Наместо тоа, се користат системите на водоводните претпријатија од Охрид, Струга и од Дебрца.
Фактурирана само една третина од прочистената вода
Податоците за 2024 година покажуваат значителна разлика меѓу фактурираната и испуштената пречистена вода.
Во текот на годината биле фактурирани 3,7 милиони кубни метри вода, додека од системот биле испуштени 11,3 милиони кубни метри.
Тоа значи дека се наплатува само околу една третина од прочистената вода, што според ревизорите укажува на сериозни технички недостатоци во системот.
Побарувања од речиси шест милиони евра без проценка на наплата
Ревизорите констатирале дека претпријатието нема целосен увид во побарувањата од поврзани јавни претпријатија. Во финансиските извештаи со состојба на 31 декември 2024 година се евидентирани долгови од ЈП „Водовод“ Охрид и од ЈП „Водовод и канализација“ Струга во вкупен износ од околу 5,9 милиони евра.
Овие побарувања потекнуваат од статусна промена од 2019 година и се однесуваат на корисници приклучени на колекторскиот систем до 30 јуни 2019 година.
Според ревизорите, бидејќи водоводните претпријатија ги имаат базите на корисници и претходно ги изготвувале сметките, тие немаат економски интерес да преземаат мерки за наплата, што во пракса води кон отпис на побарувањата.
Поради недостиг на аналитички податоци и ограничено влијание врз наплатата, претпријатието не извршило проценка на наплатливоста на овие средства.
Инфраструктура стара повеќе од 35 години не е запишана во катастар
Ревизијата утврдила и дека дел од инфраструктурните објекти на колекторскиот систем, изградени пред повеќе од 35 години и вредни околу 2,1 милион евра, сè уште не се запишани во катастарот на инфраструктурни објекти.
ЈП „Колекторски систем – Скопје“ поседува имотен лист само за земјиште од 812 метри квадратни кај пумпната станица Подмоље, додека за останатата инфраструктура – цевковод долг 40,9 километри, пумпни станици, пречистителна станица и земјиштето под нив – не постојат имотни листови.
Дополнително, во Централниот регистар сè уште не е запишан дел од преземената основна главнина во износ од 4,08 милиони евра, по присоединувањето на регионалната единица „Колектор Струга“ од меѓуопштинското претпријатие „Проаква“ во 2019 година.
Адвокатски услуги плаќани без соодветна документација
Во 2024 година претпријатието исплатило околу 8.400 евра за паушални адвокатски услуги без соодветна документација, по договор склучен во 2020 година.
Ревизорите укажуваат дека договорот е склучен на период од 10 години и содржи неповолни обврски за претпријатието. Во случај на еднострано раскинување, претпријатието мора да исплати еднократен надомест од 1,44 милиони денари плус ДДВ и да продолжи да плаќа паушал за време на 90-дневниот отказен рок.
Ризик од неликвидност
Финансиските показатели покажуваат и сериозни проблеми со ликвидноста.
Вкупните обврски на претпријатието изнесуваат 8 милиони евра, а просечниот рок за плаќање на обврските кон добавувачите е 1.139 дена, односно повеќе од три години. Од друга страна, просечниот период на наплата на побарувањата е околу 333 дена.
Дополнителен проблем претставува фактот што сметката на претпријатието е блокирана од 2020 година, поради што работи со ограничени средства од околу 10,8 милиони денари месечно.
Ревизорите препорачуваат изработка на план за финансиска стабилизација, кој треба да вклучи проценка на ликвидносните ризици, план за деблокирање на сметката и мерки за подобрување на наплатата на побарувањата.


