Колаборативен проект на двајца уметници ги истражува празнините во секојдневието
Во салонот „Империјал 2“ во Културно-информативниот центар во Скопје, на 3 април (петок), во 20 часот, ќе се одржи мултимедијалната дуо-изложба на Стефан Божиновски и Кристина Таневска, насловена „Дијалог во празнини“. Кураторка на изложбата е Ангела Витановска.
Препорачано
Станува збор за колаборативен проект на двајца уметници преку кој тие ги истражуваат празнините во секојдневието, во просторот, во мислите и личноста, раскажувајќи приказни и поставувајќи прашања преку повеќе медиуми: фотографија, видео, перформанс, простор и тишина.
– „Дијалог во празнини“ е истражувачки уметнички проект кој ја истражува тишината, отсутноста и меѓупросторот како можни места за комуникација. Проектот се развива низ серија аудиовизуелни дела кои ги истражуваат моментите меѓу присуството и исчезнувањето, меѓу гласот и молкот, меѓу јас и ти.
Празнината е еден од оние поими што истовремено е и едноставна и комплексна. Што навистина значи празнината? Дали празното е навистина празно или е простор каде се создава ново значење? Празнината може да биде простор каде се создава ослободување и потенцијал. И покрај тоа што е отсуство на постојаност, во исто време е и простор за можност. Празнината е клучна како еден „простор“ кој нѐ тера да создадеме значење и сопствена смисла.
Проектот ја истражува тишината и преодните, често невидливи емоционални состојби што го обликуваат внатрешното искуство. Израз преку лице, тело, присуство и отсуство. Меѓу секоја емоционална состојба се појавува кратка црна слика или елемент, како трепкање, преод, но и прекин (внатрешен), момент на пауза, преиспитување или губење. Празнините не се празни, во буквална смисла; тие го претставуваат она што останува недоискажано, но суштински го дефинира нашето чувство за себството – истакнуваат авторите на проектот Стефан Божиновски и Кристина Таневска.
Проектот „Дијалог во празнини“ има за цел да создаде контемплативно и интерактивно искуство за гледачот, кој станува дел од процесот на слушање и набљудување. Делото функционира како визуелен разговор, отворен простор на интерпретација, како и симбол на потребата за поврзаност во време на изолираност и внатрешна тишина.


