Која е мистеријата за Азовстал, големата советска челичарница која Русите не можат да ја освојат?

Фото : Твитер - Индустрискиот комплекс „Азовстал“ до Мариупол

Драмата со челичарницата Азовстал лоцирана во опколениот стратешки важен град Мариупол од руските сили, изгледа нема крај. Едно е јасно дека украинските сили кои лавовски се борат да ги одвратат руските напади за завземање на последното упориште на украинскиот отпор, уште долго тоа нема да можат да го прават.

Овој град, кој имаше повеќе од 400.000 жители пред почетокот на руската инвазија, беше првпат прогласен за дел од самопрогласената „Доњецка Народна Република“ (ДНР) од Русија и деновиве е во фокусот на вниманието токму поради жестоките руско-украински битки но и мистеријата поради кои челичарницата Азовстал се уште не падна под контрола на руските сили.

Медиумите забележуваат дека од една страна постојано се слушаат најавите на руските сили дека Азовстал ќе падне секој миг и дека тие веќе навлегуваат во овој огромен металуршки комплекс. Тие од час во час поставуваат нови ултиматуми до украинските војници да го положат оружјето, да кренат бели знамиња и да ја напуштат челичарницата со гаранција дека ќе им ги спаси животите.
Сепак, од друга страна вакви ултиматуми на украинските сили им беа поставену неколку пати досега. Но што е суштината и проблемот зошто тоа до овој миг се уште не се случи останува нејасно, забележуваат дел од регионалните медиуми.

Најавите за падот на Азовстал засега не се остварија

Пред една недела, британскиот воен аналитичар Мајкл Кларк прогнозираше дека последното упориште во Мариупол, откако руските сили веќе го зазедоа градското пристаниште, најверојатно ќе падне „за неколку часа“. Но тоа, сепак, не се случи.
Во исто време озлогласениот чеченски лидер Рамзан Кадиров, чии сили масовно учествуваат во бруталната битка за Мариупол, во вторникот самоуверено најави дека до крајот на денот, со помош на „семоќниот“, ќе го заврши нападот во Мариупол и ќе го окупираат Азовстал. Сепак, ни до тоа не дојде.
Од друга страна, бранителите на Азовстал, исто така, речиси секој ден испраќаат очајнички апели до светот да помогне во одбраната и деблокирањето на градот или барем најмалку да се обезбеди евакуација на војниците, вклучително и стотици ранети и стотици цивили, главно работници од металургијата засолнети во Азовстал.

– Непријателот е десет пати поброен од нас . Ги повикуваме и искрено ги молиме сите светски лидери да ни помогнат – рече Серхи Волина, командант на 36-та поморска украинска бригада, во неодамнешната видео порака од Азовстал.

Очигледно е дека преостанатите бранители, како и цивилите, не веруваат во ветувањето на Русија дека ќе ги поштеди нивните животи доколку се предадат, што е оправдан страв со оглед на документираните егзекуции на стотици украински цивили во градовите окупирани од Русија и руската реторика за „ Нацисти и странски платеници „од Мариупол кои треба да бидат уништени“.

Но, според тврдењата на руската страна и снимките кои триумфално беа објавени последните денови, веќе им се предале стотици украински војници, меѓу кои и двајца британски доброволци.

Таен подземен град – отпорен на бомбардирања и напади

Во меѓувреме Јан Гагин, советник на сепаратистичката Народна Република Доњецк, за руската државна информативна мрежа РИА, изјави дека всушност во Мариупол има уште еден град под градот. Гагин се пожали дека комплексот е дизајниран да издржи бомбардирање и блокади и до неколку недели и дека има вграден комуникациски систем кој силно ги фаворизира бранителите во овој случај Украинците, дури и ако тие се многу послаби по бројност, како што е случајот сега, пишува Вашингтон пост.

Маријана Буџерин, воен експерт рече дека ситуацијата во Мариупол изгледала сè по „безнадежна“, врз основа на информациите што се шират.

„Овој град полека беше опколен, а областа на контрола под украинските сили речиси се задушуваше. Веројатно постои тактичка и безбедносна предност за одбранбените сили да го дадат последниот отпор во овој голем индустриски објект. Тоа е како мини-тврдина. “, изјави Буџерин, која и самата е од Украина.

Таа истакна дека во исто време останува непознато со какво оружје или пристап за воздушна одбрана се достапни за украинските сили.


Инаку, доколку руските сили го заземат Азовстал или бранителите се предадат, што изгледа неизбежно, тоа ќе биде крај на битката за Мариупол и огромна победа за нив. Со освојувањето на овој град, целиот крајбрежен појас од Крим до остатокот од Донбас ќе биде под руска контрола, а силите кои сега го опкружуваат Азовстал ќе можат да се префрлат на фронтот во Донбас, каде што веќе започна огромната руска офанзива.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот