Кои се кардиналите кандидати за наследник на папата Франциск
Денеска започна состанокот на кардиналите на кој се очекува да биде одреден датумот за конклавата, која се проценува дека ќе се одржи од 5 мај па натаму.
Во наредните денови 135 кардинали ќе влезат во Сикстинската капела во Ватикан и на затворена церемонија ќе го изберат новиот папа, по смртта на папата Франциск минатиот понеделник. И конзервативната и прогресивната струја на која припаѓаше покојниот понтиф ќе ги интензивираат напорите да ја обликуваат иднината на Римокатоличката црква.
Препорачано
-Групата кардинали кои ќе гласаат за идниот поглавар на околу 1,4 милијарди католици ширум светот се помалку предвидливи од кога било досега, бидејќи огромното мнозинство немаат искуство со папската конклава. Многу пошироката географска распространетост на кардиналите ја зголемува неизвесноста – пишува Гардијан.
Според весникот 8 од 10 кардинали со право да гласаат во конклавата се назначени од папата Франциск во последните 12 години. 20 станаа кардинали во декември минатата година. Многумина никогаш меѓусебе не се сретнале пред да влезат во Рим минатата недела поради смртта на папата.
Папската конклава се очекува да ги почне формалните разговори следната недела. Но, дискретните ад хок дискусии и лобирање во ходниците, трпезариите и прекрасните градини на Ватикан се засилија во последните денови.
-Всушност, разговорите веројатно се водат веќе некое време, секако од почетокот на оваа година, бидејќи траекторијата на здравјето на папата Франциск е јасна – рече Мајлс Патенден, историчар на католичката црква на Универзитетот Оксфорд.
Повеќе од 20 кардинали се идентификувани како кандидати за папство од страна на набљудувачите на Ватикан.
Сепак, малкумина фаворити на почетокот на процесот успеваат да поминат низ последователни рунди гласање. Во 2013 година, аргентинскиот кардинал и језуит Хорхе Марио Бергољо не се сметаше за подобен кандидат, но до крајот на конклавата тој стана папа Франциск.
Некои кардинали за кои се смета дека не се во трка за врвното место во Католичката црква веројатно ќе ги промовираат своите омилени кандидати, особено меѓу помалку искусните колеги.
Меѓу оние кои веројатно ќе лобираат за конзервативен наследник на Франциск се Рејмонд Бурк, американски бискуп кој го поддржува Доналд Трамп, и Герхард Милер, Германец кој минатата недела предупреди дека црквата би можела да се подели ако не се избере ортодоксен папа.
Потенцијални кандидати
Прогресивниот табор ги вклучува Жан-Клод Холерих од Луксембург, Тимоти Радклиф од Велика Британија и Мајкл Черни од Канада.
Критичарите го обвинија Франциск дека го преполнил колеџот кардинали со свои поддржувачи при што направил повеќе од 100 назначувања за време на неговото папство.
-Историски гледано, ниту еден папа не можел да го контролира изборот на својот наследник. Меѓу кардиналите имаше јасни конзервативци и прогресивци, но „тоа е спектар“ – вели Петенден.
-Постојат некои кои имаат конзервативни ставови за одредени прашања, но либерални ставови за други прашања – на пример, сексуалноста и климатските промени. Франциск беше посклон да ги промовира своите идеолошки соработници, но не ги назначуваше исклучиво оние кои изгледаа дека се согласуваат со него – додава.
Според неговото објаснување, папата Франциск имал други приоритети – да го направи колегиумот на кардинали што е можно поинклузивен, што значи избор на мажи од многу мали католички заедници како Иран, Алжир и Монголија и негово балансирање подалеку од неговото богато европски и северноамериканско јадро.
Во 2013 година, повеќе од половина од кардиналските избирачи беа Европејци. Сега, процентот се намали на 39%, додека 18% доаѓаат од Азија, 18% од Латинска Америка и Карибите и 12% од Субсахарска Африка.
Франциск, исто така, се обиде да ја намали возрасната граница на колегиумот на кардинали. Седум од назначените минатиот декември беа под 60 години, а еден – Микола Бичок, епископ роден во Украина во Мелбурн – имаше само 44 години. Кардиналите беа назначени од Перу, Еквадор, Алжир и Иран во обид да се помести рамнотежата подалеку од Европа.
Кардиналите чекаат на ред во Сикстинската капела
Првото гласање ќе се спроведе веднаш по свикувањето на конклавата, а потоа секое утро и попладне додека кандидатот не обезбеди двотретинско мнозинство.
„Кардиналите ќе бидат „под голем притисок да изберат доста брзо“, рече Патенден и додаде дека „Очите на светот се вперени во нив, а за католичките верници можеби ќе биде малку збунувачки ако сè уште се на конклавата во јуни или во јули“.
Во изминатиот век, повеќето конклави траеле два до три дена. Најдолгата конклава, во 13 век, траела две години и девет месеци, а најкратката била во 1503 година, кога резултатот бил објавен за неколку часа.
Меѓу кандидатите за наследник на папата Франциск, фаворити на обложувалниците се Пјетро Паролин, главниот дипломат на Ватикан, и Луис Антонио Тагле, филипински кардинал.
Обложување за идниот папа
Шпекулациите за исходот од конклавата веќе станаа еден од најпопуларните обложувања оваа година.
-Она што некогаш беше во голема мера ограничено на римските банкари и дворјани од ренесансата, еволуираше во мултимилионски глобален пазар достапен со кликнување на копче или со допир на криптопаричник – изјави Лејтон Воган Вилијамс, професор по економија и финансии на Нотингемската бизнис школа, за АФП.
Тој рече дека брзината со која активноста за обложување се зголемила оваа година „ја нагласува трајната културна фасцинација со папството, засилена со медиумското известување и популарната култура“.
Покрај географскиот критериум, не недостигаат и предвидувања во однос на полот и потеклото на новиот Папа, како „Дали ќе биде црн?“, „Дали ќе биде геј?“, се дел од прашањата кои ги поставуваат понудените облози, кои добија бурни реакции на социјалните мрежи.
Во секој случај, изборот на новиот поглавар на Римокатоличката црква секако е во врска со поширокото геополитичко опкружување, социјалните случувања како и технолошките промени, кои се пресудни за конечниот избор што ќе го донесе Конклавата. Пред новиот понтиф секако предизвик ќе биде дали ќе ги продолжи или не реформите кои ги иницираше папата Франциск, кој поради неговите заложби за глобална борба против сиромаштијата и нееднаквоста во светот во текот на својот мандат беше наречен „папа на сиромашните“.


