Исени Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Кога вистински ги влечеш за уши – и своите

Ова е доказ дека линијата на одговорност, конечно, не застанува пред вратата на „нашите“. Во систем навикнат на политичка заштита, овој чекор ја менува парадигмата. Премиерот не само што не го брани, туку остава институциите да си ја вршат работата – без притисок, без прикривање, без калкулации

Кога премиерот Христијан Мицкоски јавно изјави дека „ќе ги влече за уши“ сите што треба да одговараат пред правдата, многумина тоа го примија како уште една политичка флоскула. Но, деновиве видовме дека овие зборови имаат тежина. Телохранителот на премиерот – човек од неговата најтесна безбедносна структура – заврши зад решетки, под сериозно обвинение за давање државни тајни.

Ова не е мал настан. Ова е доказ дека линијата на одговорност, конечно, не застанува пред вратата на „нашите“. Во систем навикнат на политичка заштита, овој чекор ја менува парадигмата. Премиерот не само што не го брани, туку остава институциите да си ја вршат работата – без притисок, без прикривање, без калкулации.

Да бидеме искрени – колкумина од неговите претходници би дозволиле нивни човек да биде процесуиран? Колкумина од нив би се воздржале од обиди да влијаат, да замолчат, да договорат? Оваа влада можеби нема да биде совршена. Но ако нешто треба да ѝ се признае, тоа е отсуството на двојни аршини.

Граѓаните со децении живеат со чувство дека „правдата“ важи само за обичните. Дека оние што се блиску до политичката моќ се недопирливи. Дека обвинувањата, притворите и обвинителните акти се селективни и по нарачка.
Па затоа кога денес се гледа дека дури и човек од кабинетот на премиерот може да заврши зад решетки, тоа не е само правна, туку длабоко политичка и морална порака. Тоа значи дека – за првпат по долго време – има волја да се стави ред.

Опозицијата, предводена од Европскиот фронт, жестоко реагира. Обвинува за селективност, за прогон, за политичка одмазда. Но реториката им звучи сè повеќе како обид за одбрана на нечии позиции отколку како борба за принципи. Кога Беџети прашува „зошто се фокусирате само на Бектеши“, треба да се потсетиме дека ова не е политичка кампања, туку истрага за трагедија со човечки животи. Одговорност мора да има и тоа по вертикала, не по етничка или партиска линија.

Ако има елементи за вина во институциите, тие ќе излезат на виделина. Но прашањето е зошто токму оние што ја толерираа неказнивоста во своето време, денес најмногу зборуваат за „селективност“? Лично, би сакал и Бектеши да излезе невин – ако навистина е невин. Зашто правдата не значи казнување по секоја цена, туку вистина, доказ и еднаков третман за сите. Но не можеме да ја браниме правната држава, а истовремено да ја напаѓаме само затоа што конечно тропнала на нечии „свои“ врати.

Политичкото лидерство не се мери само по говорите и ветувањата. Се мери по храброста да се носат непопуларни, но принципиелни одлуки. А токму тоа го прави Мицкоски денес. Не прави шоу, туку дава простор институциите да работат. Не се обидува да контролира, туку да демонстрира дека никој – ама баш никој – не е над законот. И да – ако треба, и „своите“ ќе ги влече за уши. И тоа не е слабост, туку најголема сила.

(Авторот е политиколог)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот