Кога-тогаш, ќе биде – бавното темпо на вакцинацијата

Фактот што Македонија како НАТО-членка и земја кандидат за членство во Европската Унија, не успеа навремено да обезбеди вакцини, а македонските граѓани бараат решение во земји како соседна Србија, е голем пораз за македонската влада во нејзината борба со пандемијата. Дополнително, гласините во јавноста дека владините функционери веќе се вакцинирале, кои беа демантирани од Владата, покажува дека дури и да се лажни вести, тие лесно проаѓаат кај граѓаните, поради тоа што довербата на граѓаните во институциите е на „стаклени нозе“. Проблемот околу недовербата во институциите не е нов, а и самите (особено) здравствени власти не помагаат во решавање на ситуацијата. Од првата изјава дека е постигнат директен договор со „Фајзер“ (30.12.20), за потоа да следи изјавата дека договорот „беше дефиниран утрово“ (4.1.21), за по две недели од првата изјава, да следува изјава од министерот за здравство дека „за кратко време ќе го склучиме договорот“ (16.1.21), не може да не остави сомнеж дека нешто во целава ситуација не е во ред.

Празни ветувања

Понатаму следеа уште неколку „најави“, најнапред дека се во завршна фаза од директните разговори со „Фајзер“ (27.1.21), потоа дека драфтот на договорот треба да стигне „следната недела“ (11.2.21), за после две недели да изјават дека „се финализираат прашања во договорот“ (26.2.21). По сета оваа конфузија, логично е граѓаните да се запрашаат дали можеби нешто не е како што треба. Следна ситуација која раѓа сомнежи во однос на процесот за вакцинација и имунизација, а со тоа и дополнителна институционална недоверба, е набавката на кинеската вакцина. Откако се појавија гласини дека кинеската влада го има вратено авансот бидејќи македонската влада вклучила фантом-фирма од Хонг Конг, следеа неколку изјави кои ги демантираат или потврдуваат овие гласини, најнапред од премиерот, кој изјави дека „при набавката на вакцините била користена приватна фирма како посредник и дека тоа било причината Кина да го врати капарот, но негира каква било злоупотреба“.
Потоа од Министерството за здравство изјавувајќи дека „не се точни тие шпекулации. Нашата земја има склучен договор за 200.000 вакцини од Синофарм, кинески производител на вакцини против ковид-19. Вакцините наскоро ќе пристигнат во нашата земја“, за на крај изјава да даде министерката за одбрана, која сепак ја потврди првично најавената шпекулација велејќи дека „можевме да не кажеме за вратениот капар, но сакавме да бидеме транспарентни“, кои на крајот не помогнаа да се разјаснат работите до крај и доведе до уште поголема конфузија кај населението. Зошто некоја влада би одела преку вакви канали за набавка не може да се тврди, но дефинитивно повторно раѓа сомнеж и ја поткопува довербата во институциите.

Сомнеж во намерите на Владата

Слична е ситуацијата околу набавката на „Спутник В“. Имено, за руската вакцина, амбасадата на Русија има упатено повеќе известувања за достапноста и можноста за добивање на вакцината. Првото известување амбасадата го има испратено уште на 18 август, 2020 година до министерот за здравство, а веќе на 25 септември истата година испратено е и писмо од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции, до шефот на Националниот комитет за имунизација, но без никаков одговор од нашите власти. Ова дополнително го покажува несериозниот пристап на владата кон ова клучно прашање за справување со пандемијата. Дали владата се „прецени“ во нејзината способност да ги набави вакцините или, пак, остави да се потпре целосно на други, без план Б? Во секој случај, двете опции се подеднакво лоши. Одговорот на властите, односно на министерот беше дека „постапиле согласно постапките и процедурите за одобрување од меѓународните регулаторни тела и врз основа на тоа се донесени одлуките“. Сепак, почитувањето на постапките и процедурите, не ја намалува перцепцијата на граѓаните дека вакцините не се набавуваат со темпото кое институциите го прикажуваат.

Иако официјално интересот за вакцинирање не изгледа доволно голем, со бројка од нешто над 100 илјади граѓани пријавени на официјалната страница на МЗ за искажување заинтересираност за вакцинација, оваа бројка можно е да е прилично поголема имајќи ја предвид институционалната недоверба кај граѓаните.

Недостигот на вакцини не е единствениот проблем со кој државата се соочува во процесот на вакцинација на населението. Впрочем, држави што обезбедија поголема количина вакцини се соочуваат со предизвик за нивно целосно искористување. Премиерот Зоран Заев нашето доцнење со набавка на вакцините го нарече потенцијална „предност“. Иако имавме можност да научиме од грешките и предизвиците со кои се соочуваат другите држави, од досегашните постапки на институциите, не сме уверени дека доволно научивме.

Страв и скептицизам

Недовербата и несигурноста на граѓаните доброволно да се вакцинираат е проблем со кој се соочуваат земјите кои веќе располагаат со (условно) доволно количество вакцини. Покрај Франција која подолг период се соочува со антивакцински сентимент, Србија е најблизок пример во поддршка на ова тврдење. Таа ги повика за вакцинација граѓаните на соседните држави, додека мнозинството од нејзините граѓани не се вакцинирани.
Анкетата на Министерството за здравство покажа дека, за разлика од неколку развиени држави, 68 отсто од нашите здравствените работници изразиле интерес за вакцинирање. Сепак, податоците кои даваат увид во ставовите на целата популација покажува спротивни резултати. Пред почетокот на вакцинацијата, мнозинството граѓани не биле сигурни дека би се вакцинирале, односно 40,9 отсто одговориле дека е многу веројатно дека нема да се вакцинираат додека 17 отсто дека до некаде е веројатно дека нема да се вакцинираат. Новите податоци, прибрани по почетокот на вакцинацијата, покажуваат дека 50 отсто од населението би се вакцинирале. Сепак значајни 34 отсто не би се вакцинирале додека 16 отсто не знаат или немаат одговор.

Повеќе фактори може да бидат причина за колебливост кај граѓаните во нивната одлука да се вакцинираат. Почесто посочуваните причини се безбедноста на вакцините, стравот од несакани појави, и загриженост дека клиничките студии се одвиваат премногу брзо. Токму изолираните, но истакнати вести за несакани ефекти, ги поттикнаа европските влади под притисок на јавноста да ја стопираат употребата на „Астра-Зенека“, без претходна препорака од страна на ЕМА. Дополнително, дезинформациите на интернет ја искривуваат перцепцијата на граѓаните и може да го намалат интересот за вакцинација.

Нетранспарентен пристап кон одобрување на вакцините

Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, институцијата одговорна за одобрување на вакцините во државата, покрај ефикасна имплементација и надзор на регулативите, и нивното приближување кон стандардите на ЕУ, има за задача да ја „информира стручната и пошироката јавност“. Агенцијата ниту еднаш не информираше директно за својата работа во однос на процесот и критериумите според кои ги одобрува вакцините за користење. МАЛМЕД, според стратегијата за вакцинација, треба да ги прима пријавите на граѓаните за несаканите дејства преку својата веб-страница, а таа е достапна само на македонски јазик, што укажува на тоа дека агенцијата не е подготвена да одговори на задачите за кои е задолжена подеднакво за сите граѓани на државата.

При набавката на вакцините, министерот за здравство Венко Филипче на самиот почеток укажа дека, како и за други медицински препарати, така и за вакцините за ковид-19 „ќе ги следиме одлуките на ФДА и на ЕМА“. Само 10 дена подоцна, при одобрувањето на вакцината „Синофарм“, која сѐ уште е во процес на разгледување во ЕМА, документите од нивните национални агенции беа доволен услов за нејзино одобрување. Во случајот на „Спутник В“ воопшто не беше објаснето што ја прави оваа вакцина безбедна. За споредба, ЕМА на својата веб-страница објавува податоци за авторизацијата и информации поврзани со сите одобрени вакцини и вакцините кои се во фаза на одобрување, но и објаснување за проверките на „Астра-Зенека“ во однос на несаканите ефекти. Во Северна Македонија, Министерството за здравство креираше посебна веб-страница каде што информира за безбедноста, ефикасноста и несаканите ефекти за секоја од вакцините. Достапните податоци на оваа веб-страница се оскудни и таксативно набројани и не се доволни за да дадат јасен одговор на дилемите што граѓаните можеби ги имаат за секоја од вакцините.

Борба без рестриктивни мерки

Вакцинацијата е најдобриот начин за борба против ковид-19. Сепак, започнување со процесот на вакцинација не значи крај на пандемијата. Впрочем, во европските земји во кои се вакцинираше поголем процент од населението, сѐ уште владеат порестриктивни мерки за превенција на ширењето на вирусот во споредба со Северна Македонија.
Бројот на заразени и на смртни случаи значајно се зголеми во изминатиот период, а епидемиолошката состојба во државата е критична. Со оглед на тоа како институциите се справуваат со оваа криза, се наметнува дилемата: дали здравјето на граѓаните или економијата е прв приоритет во оваа пандемија.

Кусокот вакцини со кој се соочува државата и скептицизмот кај граѓаните, не влеваат доверба дека во блиска иднина ќе можеме да го употребиме „најдоброто оружје“ против ковид-19. Она што е важно е дека со почетокот на вакцинацијата не треба да се наметне лажен оптимизам дека вирусот ќе исчезне веднаш откако мнозинството граѓаните ќе се вакцинираат. Можеби досегашниот процес на вакцинација е конфузен и нетранспарентен, но тоа не значи дека така треба да продолжи.

 

Извор: Республика

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот