Кочанци на протест побараа да се затвори загадувачот „Пејпар мил”

Нов граѓански протест се одржа денеска пред кругот на фабриката за хартија „Пејпар мил” во Кочани, како револт против загадувањето на воздухот од фабричкиот оџак.

На двочасовната блокада на булеварот пред влезот на фабриката граѓаните порачаа дека се незадоволни од дејствувањето на институциите и бавното двегодишно решавање на проблемот со аерозгаденоста во градот.

– По четврти пат сме собрани на протест на ова место на злосторството, за да го кренеме нашиот глас и да продолжиме во борбата за чист воздух. Единствено за што можеме да ѝ бидеме благодарни на „Пејпар мил” е што успеа да нѐ собере нас граѓаните, без разлика на политичката, верската или етничката припадност и Кочани да го направи пообединето од кога било досега. Ова е последен пат да зборуваме и да ги повикаме сите институции и инспекторати, да се охрабрат и да го решат проблемот и да нѐ оставаат да бараме други решенија, што не се својствени за нас. Ние сме мирен народ, но не сме бројка, луѓе сме, имаме деца и ќе се бориме за нашата и нивната иднина – истакна Зоран Тодоров, претставник на иницијаторите на протестот.

На граѓанскиот протест беа искажани и порадикални барања за блокирање на влезот во фабриката и нејзино затворање, сѐ додека за производствениот процес не почне да се користи поеколошко гориво.

– Треба да се блокира работењето на фабриката, затоа што досегашното дејствување на институциите остана без резултат. Дадениот рок од два месеца да се стават филтри на оџакот значи дека уште толкав период треба да дишеме загаден воздух и да го уништуваме сопственото и здравјето на нашите семејства – истакнаа дел од говорниците на протестот.

Насобраните граѓани се упатија пред влезот во фабричкиот круг на „Пејпар мил”, од каде беше упатена порака дека веќе нема да се протестира, туку ќе се преземаат други мерки за решавање на проблемот.

Незадоволството од нерашавањето на аерозагаденоста продолжи со возила пред зградата на локалната самоуправа и по улиците на Кочани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот