Коце Металец стана улица на смртта, жителите бараат да запре дивеењето на возачите
Граѓаните од Железара велат дека улицата која има само две ленти е фреквентна како автопат, каде што возачите си возат како што си сакаат, дека полицијата никаде ја нема за да види што се случува и дека на жителите им е загрозена безбедноста и нормалното живеење
Жителите на населбата Железара започнаа со протести откако на улицата Коце Металец пред неколку дена беше прегазена 45-годишна жена. Тие веќе два дена протестираат со блокирање на улицата, а својот глас против сообраќајното дивеење на оваа сообраќајница ќе го подигнат и вечерва од 20 до 22 часот, кај црвените згради на клучката меѓу улиците Коце Металец и Гемиџиска.
Препорачано
Граѓаните кои живеат во оваа населба подолг период укажуваат на дивеењето по Коце Металец, пребрзото возење и на ноќните трки со мотори. Тие велат дека улицата која има само две ленти е фреквентна како автопат, каде што возачите си возат како што си сакаат, дека полицијата никаде ја нема за да види што се случува и дека на жителите им е загрозена безбедноста и нормалното живеење.
– Улица не може човек да помине од сообраќај. Двапати со кола во двор ни влетуваа. Бучава, гасови, прашина, а ноќе трки со моторчиња. Едноставно, ова се претвори во место кое не е за живеење – вели жител на Железара.
На улицата има поставено и лежечки полицајци, но како што објаснуваат тамошните граѓани, тоа не го спречува брзото возење, па возилата летаат преку пречките без намалување на брзината. Затоа според нив, тоа не е решение за нормализирање на сообраќајот на Коце Металец, туку бараат да почне реализација на Деталниот урбанистички план, според кој со булевар треба да се направи поврзување на Автокоманда со Бутел, со што би се растоварил сообраќајот по Коце Металец, која според граѓаните е станата улица на смртта поради дивеењето по неа.
– Имаме убави предлози, сите се едноставни за решавање само треба да се сака – ставање семафори на одредени места, поставување повеќе лежечки полицајци, мал кружен тек кај клучката накај Бутел и секако да се забрза изградбата на булеварот покрај фабриката, кој ќе ги спои Автокоманда со Бутел и ќе се растовари сообраќајот во нашата населба – вели Виолета од Железара.
Жителите најавуваат дека ќе протестираат сè додека не се решат нивните долгогодишни проблеми, а праќаат и официјална покана до градскиот и општинските градоначалници да дојдат и да ги слушнат нивните барања сега, а не само пред избори.
Нивната 45-годишна сосетка животот го загуби пред два дена на крстосницата на улицата Коце Металец со сервисна улица, откако во неа удри автомобил „ауди А5“. Истата ноќ, на истото место повторно имаше сообраќајна незгода, кога возило со огромна брзина се заби во столпчињата и во неколку паркирани возила.


