Коалиција „Сите за правично судење“: Треба да се обештетат неправедно лустрираните

Државата треба да ги обештети сите оние кои беа жртви во процесот на лустрацијата, затоа што и самата се обврза за тоа, велат од коалицијата „Сите за правично судење“ кои се дел од Блупринт-групата на граѓански организации за реформи во правосудството.

– Имајќи ги предвид критиките од Брисел по објавените прислушувани разговори што ги објави опозицијата, сугестијата беше дека владата на Груевски се мешала во процесот на лустрација. Во 2015 година пратениците конечно преземаа чекори со кои се стави крај на контроверзната лустрација, но и покрај укинувањето на Законот за лустрација, последиците по лустрираните лица се уште остануваат на сила, без можност за нивно поништување. Во Стратегијата за реформи на правосудниот сектор 2017-2022 година, власта се обврза да ги санира штетните последици по лицата кои беа жртви од овој закон преку воспоставување на законска рамка за поништување на мерките и правните последици од процесот на лустрација. Овие заложби, Министерството за правда требаше да ги оствари заклучно со декември 2017 година, меѓутоа и по истекот на две години од стратешкиот рок, ваква законска рамка се уште не е воспоставена. Останува задолжението на надлежните институции да обезбедат услови за во соодветна постапка да се санираат негативните последици и да се даде можност на жртвите од неправилниот и злоупотребен лустрациски процес да остварат надомест за сторената неправда и штета, а државата преку примена на принципот на објективна одговорност да ги обештети жртвите – велат од Коалицијата.

Оттаму додаваат дека укажувале на недостатоците и нејаснотиите кои отвораат можност за злоупотреба на Законот за лустрација, а Венецијанската комисија уште веднаш забележала дека е нејасно објаснувањето кој се може да биде лустриран.

– Лустрацијата треба да биде ограничена на позиции за кои има сериозна причина да се верува дека лицето ќе претставува сериозна опасност за човековите права и за демократијата. За лустрацијата која се спроведува повеќе од 20 години по завршувањето на тоталитарното владеење, потребни се неспорни и силни аргументи. Опфаќањето на толку долг период, дури 60 години наназад, според Венецијанската комисија, може да се оправда со крајно тешки злосторства, кои подлежат на Кривичниот закон – велат од Коалицијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот