Книжевното деби „Никогаш не кажувам“ на Синоличка Трпкова е хроника на интимата

Книжевниот првенец на познатата актерка и професорка Синоличка Трпкова, со наслов „Никогаш не кажувам“, е објавен во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

„Никогаш не кажувам“ е куса проза со есеистички поттекст. Нејзината организација во пет одделни циклуси и воведна, програмска приказна со ист наслов како и самата книга, го структурира читањето, формирајќи одделни островчиња на интерес, како на авторката, така и на потенцијалниот читател.

Започнува со крајно лични приказни со острицата на ножот вперена во раскажувачкото јас; со син и ќерка, со состојба во која „раскажувачот“ е родител; продолжува во втора целина кога „раскажувачот“ е дете; третиот циклус е мешавина и од едното и од другото, вител од родители и деца, од минато и сегашност измешани во некакво трајно постоење. Четвртиот циклус е опфат на нашето актуелно време, еден автентичен поглед на пандемијата прекршен низ лично огледало. Последниот, петтиот циклус е есеизирање на книжевното од претходните четири. Уредничка на книгата е писателката Оливера Ќорвезироска.

Синоличка (Ноли) Tрпкова е филмска, телевизиска и театарска актерка. Долгогодишна професорка е на Факултетот за драмски уметности по предметот Актерска игра пред камера и е авторка на учебник на оваа тема, единствен на македонски јазик.

Позната е и како колумнист, авторка и водителка на образовен телевизиски серијал; препознатлив глас „на совеста“ на социјалните мрежи, каде што често го кажува јасно и прецизно она што другите го мислат. Затоа многумина мислат дека ја знаат. Во оваа хроника на интимата, наречена „Никогаш не кажувам“ нè води до нејзините скришни места и самата ни кажува, всушност, која е, посочуваат од „Арс Ламина – публикации“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 105, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот