Книжевен превод: „Невидливи љубови“ од Владимир Јанковски е објавен на српски јазик

Издавачката куќа „Граѓански форум“ го објави српскиот превод на романот „Невидливи љубови“ од Владимир Јанковски. Преводот на изданието е на Алма Мујовиќ. „Невидливи љубови“ е вториот роман на Владимир Јанковски, објавен во 2015 година. За оваа книга авторот го доби „Рациновото признание“ и беше македонски кандидат за меѓународната награда „Балканика“.
Рецензентката Елизабета Шелева смета дека „романот на Јанковски постојано ја нагласува конститутивната моќ на Погледот, незаобиколното соучество на Другиот (во нашето идентитетско и естетско себезаокружување), како и улогата што во создавањето на сликата (односно, самата стварност) потполно несвесен за тоа, неминовно ја игра и самиот набљудувач. Во поглед на тоа, Јанковски типолошки се надоврзува на естетицизмот на големиот (или, можеби, последниот) англиски денди, Оскар Вајлд, запаметен по својата знаменита изјава, дека – убавината се крие во очите на набљудувачот“.
Владимир Јанковски е роден во 1977 година. Завршил општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во повеќе издавачки куќи. Активно се занимава со книжевен превод. Неговиот најнов роман „Скриени желби, немирни патувања“ (2020) е актуелен македонски кандидат за наградата „Балканика“ за 2020 година.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 66, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 30-31 јануари 2021)