Книгата за деца „Стасај ме ако можеш“ од Васил Мукаетов е објавена во издание на „Панили“
Книгоиздателството „Панили“ ја објави новата книга од еден од најактивните и најпродуктивни македонски поети за деца изминативе години, Васил Мукаетов, насловена „Стасај ме ако можеш“. И во оваа книга, Мукаетов го задржува својот стил – авторски и содржински, пишувајќи за богатиот свет на современото дете.
Препорачано
Содржината ја карактеризираат пет циклуси: „Од час во час сѐ нешто ново околу нас“; „Врв си е врв, гледај да си дома прв“; „Лево-десно. Со децата сѐ е лесно“; „Татковината е вековина, татковината е траење, татковината се чува со разум и знаење“; „На крајот – нешто ќе сториме за да се одмориме“. Но, тие се читаат и како компонирана целина, што е, воопшто, и карактеристика на книгите на Мукаетов, коишто не се само збир на поетски текстови, туку секогаш се целина со концепт и со внатрешна архитектоника на делото.
– Треба да се посочи дека македонската литература за деца, во својот досегашен развој, беше исклучително исполнета со рурална поезија и проза, која во сегашните услови на развојот на општеството и технологијата изгледа, за жал, застарена и стереотипна. Оттука, појавата на поетот за деца Васил Мукаетов и неговите дваесетина по многу нешта значајни книги, само ме уверува дека тој е авторот што го следи современото дете, со вистински очи и како рамноправен соговорник ја продолжува играта како слобода, а слободата ја поистоветува со постоењето на својот читател-детето. Едноставно, овој македонски поет за деца, се осмели, и со содржината на ракописот ја прошири границата на поетските теми, суверено и доминантно внесувајќи го семејството како дел од севкупната психологија на постоењето на сите нас и на децата, притоа откривајќи нови поетски простори и елементи – нагласува во рецензијата писателот, публицист и новинар, Мишо Китаноски.

Според Китаноски, основна карактеристика на поезијата на Мукаетов, вклучително и во книгата „Стасај ме ако можеш“, е непосредноста што ја воспоставува низ метафорите со своите читатели – децата, благиот хумор и шармантноста на лексичкиот, односно поетски јазик, толку потребен за сегашните деца.
– Кога кон ова ќе се додаде поетското откривање, воспевање на скриените нешта на семејството во градот, при тоа нудејќи му на читателот оригинален поетски приод и глас и станувајќи рамноправен соговорник кој низ стих ги принесува неговите чувства, тогаш имаме право да заклучиме дека пред нас е една оригинална поетска книга што ја збогатува македонската издавачка продукција – истакнува Китаноски.
Книгоиздателството „Панили“ сѐ повеќе се посветува на книжевноста за деца, поставувајќи ја и како еден од своите приоритети и објавувајќи и нови дела од македонските автори, а со тоа и придонесувајќи за квалитетот на книжевната продукција што им се овозможува на читателите-деца од Македонија.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 290, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-20.7.2025)


