Книгата „Слободата на стихот“ е ретка научна публикација за слободниот стих

Деновиве излезе од печат книгата „Слободата на стихот“, студија за македонскиот слободен стих од авторката Сузана В. Спасовска, како самостојно издание. Книгата е поддржана на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес за 2021 година.

Студијата претставува магистерски труд на авторката, одбранет на Филолошкиот факултет во 2002 година. Рецензенти на изданието се професорите Венко Андоновски и Славен Јуриќ од Загрепскиот универзитет.

Во рецензијата за оваа книга, меѓу другото, може да се прочита и следното: „Спасовска направила две нешта: прво, сумариум на досегашната стихологија на балканските, и потесно на македонските простори, и второ, понудила своја типологија на слободниот стих. Тоа е крупен чекор не само за стихологијата, туку за филолошката наука, воопшто“.

Книгата содржи 270 страници во кои се проблематизира прашањето на слободниот стих во теориската литература и преку структуралистичко-семиотички пристап се прави обид да се дефинира слободниот стих, да се категоризираат неговите карактеристики и да се типологизираат видовите слободен стих.

Книжевните анализи во книгата се направени врз примери од поезијата на осум современи македонски поети: Конески, Шопов, Тодоровски, Матевски, Урошевиќ, Ѓузел, Павловски и Ренџов. Книгата „Слободата на стихот“ претставува една од ретките научни публикации посветени на прашањето на слободниот стих.

Сузана В. Спасовска е родена во 1972 година во Ротердам, Холандија. Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Досега објавила шест стихозбирки, а во моментов работи на својата докторска теза од областа на орфизмот и поезијата.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 110, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 декември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот