Кланицата на Мицкоски

Фото: Слободен печат/Ана Анастасовска

Замислете, ВМРО-ДПМНЕ го обвини СДСМ дека му спрема кланица на народот ако оди на избори. ВМРО-ДПМНЕ е спремна за избори, но не по цена на доброто на народот. Вака некако би требало да ја сфатиме пораката на опозицијата. Е, кога сме кај грижата на ВМРО-ДПМНЕ за народот, ајде да се потсетиме како оваа партија се грижеше за народот.

Епидемијата од коронавирусот во државава полека стивнува, бројот на новозаразени е се помал, и полека, полека животот ќе почне да се враќа во нормала, секако, како што рече Филипче, почитувајќи го новото свето тројство, носење маска, држење дистанца и дезинфекција на раце. Враќањето на животот во нормала, секако значи и враќање во нормала на политичките текови, одржување на предвремени избори, кои беа договорени пред епидемијата со согласност на сите политички лидери. Изборите, според најавите, би требало да се одржат во јуни.

Но што е она што се случува на нашата политичка сцена?

Пржинската влада се соочи со здравствена криза каква не памети поновата историја. Во оваа здравствена криза главна икона стана министерот за здравство Венко Филипче, кој рака на срце, одлично се справи со коронавирусот. Неговата популарност во јавноста поради неговото знаење, смиреност и успешна борба со светската пандемија, претпоставувам предизвика паника кај опозицијата.

Како се однесуваше опозицијата за време на кризата?

Никако. Од опозицијата за овој период се изнаслушавме само политички обвинувања и бледи обиди за помош. Речиси секој ден не бомбардираа со по неколку прес конференции на кои не слушнавме ништо позитивно. Само напади и обвинувања во обид да се ќарат ситни политички поени, бидејќи идат избори и мора нешто да се каже и да се покаже пред членството. А, заборавив, нивниот министер Чулев снимаше спот вчера. Во време на паднемија де и полициски час, ама нема врска. Да живее МВРО!

А најгласни за избори беа токму од ВМРО-ДПМНЕ пред појавата на коронавирусот. Нивниот лидер Христијан Мицкоски немаше речиси ден да не побара оставка од Заев и распишување на предвремени избори.

„Не обвинуваа дека наводно сме барале избори, а сме молеле Бога да не ги добиеме изборите, еве сега ќе има можност тој, СДСМ, но и владејачката коалиција, владиното мнозинство да одлучат и да прифатат или да го одбијат предлогот на ВМРО-ДПМНЕ во рамките на следните неколку дена, па граѓаните на Република Македонија да видат кој е за, а кој е против предвремени парламентарни избори, кој бара, а кој моли Бога истите да не ги добие“.

Вака гласеше една од изјавите на Мицкоски во времето кога беше сигурен дека е време за избори.

Но, како што стивнува епидемијата и како што наближува времето за избори, кај ВМРО-ДПМНЕ почна да се менува реториката. Во соопштение испратено до медиумите, од партијата вчера реагираа дека „здравствената состојба е загрижувачка. Секој ден се прават се помалку тестови и во таква ситуација нормално е да имаме помалку заразени. Вештачки се креира перцепција и се оди на избори кои ќе значат КЛАНИЦА НА НАЦИЈАТА – заразување од масовни размери“.

Замислете, ВМРО-ДПМНЕ го обвини СДСМ дека му спрема кланица на народот ако оди на избори. ВМРО-ДПМНЕ е спремна за избори, но не по цена на доброто на народот. Вака некако би требало да ја сфатиме пораката на опозицијата.

Е, кога сме кај грижата на ВМРО-ДПМНЕ за народот, ајде да се потсетиме како оваа партија се грижеше за народот.

Мене што прво ми падна на памет, беше „А војна да имаме?“. Ептен грижливо.

Да видиме како понатаму ВМРО-ДПМНЕ се грижеше за народот. Пристисоци и закани во јавна администрација за гласање на избори, тепање студенти, убиство на младо момче на плоштад и криење на убиството, тепање на протестанти, пратеници и новинари, затворање политички неистомисленици, затворање на критички медиуми, ширење омраза кон различните, крадење и богатење на врхушките од власта, местење тендери и лицитирање со провизии, течење низ ногавици… И да не продолжам, ќе треба да утре да набројувам.

И сега истата таа партија зборува дека не треба да се оди на избори заради доброто на народот да не се ширела епидемијата од коронавирусот.

Да не беше смешно, ќе беше трагично. Мицкоски нека престане со вакви глупости да ја замајува јавноста и да остави на експертите да проценат, дали е ризик или не да се оди на избори и доколку се оди под какви услови тие би се одржале. Мицкоски да не попува напразно и да не се расфрла со кланици. Ако здравствените власти одлучат дека нема потреба од нова вонредна состојба, тогаш мора да почнема да се враќаме во нормала, секако почитувајќи ги пропишаните мерки. Ако се оцени дека ќе има избори, нека има. Партиите нека се спремат за изборен мегдан, а подобриот нека победи.

На крајот на краиштата, господине Мицкоски, сами си го баравте. Сега нека не ви прпа. Спремни сте за избори во секое време, и самиот кажавте. И доста не замарате со некаква наводна ваша грижа за нас. Дајте да видиме што ќе понудите на избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот