Ќерката на легендарниот Денис Родман стана најплатена фудбалерка во светот
Една од најголемите ѕвезди на американскиот женски фудбал, Тринити Родман, потпиша нов договор со Вашингтон спирит до 2028 година, со што влезе во историјата како најплатена фудбалерка досега.
Препорачано
Според информациите на американските медиуми, новиот договор ѝ гарантира повеќе од еден милион долари по сезона, а со дополнителните бонуси и специјалниот статус „играч со висок импакт“, кој е воведен како ново правило во НВСЛ-лигата, вкупната годишна заработка може да достигне и до околу два милиони долари. Со ова, Родман станува не само најплатена фудбалерка во САД, туку и во светски рамки во моментов.
Родман веќе има и значаен репрезентативен успех, откако со националниот тим на САД го освои олимпиското злато во Париз, со што дополнително го зацврсти својот статус како една од клучните фигури во американскиот женски фудбал.
Дополнително внимание во јавноста привлекува и нејзината семејна приказна, бидејќи таа е ќерка на легендарниот, но и контроверзен НБА шампион Денис Родман, со кого со години има нарушен однос.
„Тој не е татко. Можеби по крв, но ништо повеќе од тоа“, изјави Тринити во еден поткаст, по што Денис Родман јавно ѝ се обрати преку социјалните мрежи, извинувајќи се за неговото отсуство во нејзиниот живот и ветувајќи дека ќе продолжи да се обидува да воспостави контакт со неа.
Во приватниот живот, Тринити Родман е во врска со американскиот тенисер Бен Шелтон, кој моментално е седмопласиран на АТП-листата.


