Ќе „врие“ од дрвосечачи и шумски работници: „Национални шуми“ прима над 400 нови луѓе

Сеча на дрвја/ Фото: МИА

Државната компанија „Национални шуми“ (порано „Македонски шуми“) до крајот на годината ќе прими преку 400 нови работници, а се бараат дрвосечачи (182), дотурачи (95), редачи-утоварачи-истоварачи (51) и шумски работници (81). Огласот е објавен на веб-страницата на јавното претпријатие.

Според објавениот оглас, до 31 декември годинава претпријатието планира да прими на определено време 407 луѓе, а на повикот може да се пријават работници со или без искуство.

Јавното претпријатие за сите позиции нуди плата од 18.000 денари, што е помалку од минималната плата, односно од износот на најмалиот дозволен месечен личен доход за полно работно време во државата.

„Работните задачи за работно место сечач опфаќаат соборување, кроење и изработка на шумски сортименти, за работно место дотурач – пренос на дрвни сортименти, за работното место Редач – Утоварач – Истоварач опфаќа утоварање, растоварање и редење на дрва во шума и во магацин и за работното место Шумски работник опфаќа редење, утовар, растовар на огревно дрво и градежен материјал и други работни задачи. Месечната нето плата за работното место Сечач изнесува 18.000 денари, за работно место Дотурач изнесува 18.000 денари, за работното место Редач – Утоварач – Истоварач изнесува 18.000 денари и за Шумски работник (редач, утовар и пошумување и шумски производи) изнесува 18.000 денари“, се вели во огласот.

Неделно работно време за овие работни места изнесува 40 часа, распоредено во 5 (пет) работни дена од понеделник до петок, од 07 – 15 часот. Работните задачи се извршуваат исклучиво на терен. Огласот трае 15 дена сметано од денот на објавување, односно најдоцна до 15.03.2023 година, а изборот ќе се изврши согласно законски пропишаните рокови.

Според достапните информации од скорешни новинарски написи, јавното претпријатие „Национални шуми“ има дури 3.000 вработени, а тоа, како и други големи јавни претпријатија кои се под капата на државата, низ годините често беше наведувано како легло на масовни партиски вработувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот