
Ќе сменат шест закони за да си ги задржат високите плати
Според нашите пресметки, некои функционери ќе добијат минимално зголемување до 500 денари, а други до 2.000 денари. Целта на пратениците на СДСМ со законските измени е да се спречи зголемувањето на функционерските плати, кои беа зголемени за 78 проценти во март лани
Платите на избраните и на именуваните лица нема да се намалат, ниту ќе останат исти, туку минимално ќе се зголемат со измените на шесте закони што ги регулираат платите на функционерите. Според нашите пресметки, некои функционери ќе добијат минимално зголемување до 500 денари, а други до 2.000 денари. Доколку не се усвојат измените на шесте закони, платите на пратениците, министрите, судиите, градоначалниците итн. ќе се зголемат за значителни суми – од 300 до 400 евра – во зависност од функцијата.
Препорачано
Пратениците во Собранието денеска едногласно одлучија измените на законите да се спроведат во скратена постапка. Ќе се менуваат законите за плата на избрани и на именувани функционери, за платата за пратениците, за платите на обвинителите, за платите на судиите, за платите на членовите на Судски совет и Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители. Промената е во тоа што минимално ќе се намалат коефициентите со кои се множи основицата за пресметка на платата, а основицата е просечната годишна плата во претходната година, која за 2022 година изнесуваше 31.859 денари нето.
Платата на функционерите се формира така што основицата се множи со коефициентот, а на сумата се додаваат додатоци, како минат труд и другите законски додатоци. Со законските измени што ги поднесоа група пратеници, само ќе се анулира можноста функционерските плати значително да се зголемат од следниот месец, во согласност со зголемената основица, која изнесува 36.614 денари нето, колку што е просечната плата за 2023 година. Тоа значи дека, доколку не се случат и други законски измени во текот на оваа година, платите на функционерите еднаш годишно ќе се покачуваат во согласност со растот на годишната просечна плата. Следното зголемување го очекуваат во март 2025 година.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека треба што поскоро да се донесат законските измени за платите на функционерите, предложени од пратеничката група на СДСМ, и оценува дека тоа е најдоброто можно решение во моментов. За платите на функционерите што се именувани директно од Владата и не се опфатени со законските промени, Битиќи предлага одлука за коефициентите да донесат управните и надзорните одбори, ако нема можност тоа да биде со владина одлука.
– Иницијативата на овие шест закони е донесена од пратеничката група од СДСМ. Мојот личен став е дека би требало да бидат усвоени што е најбрзо можно, а за другото ќе видиме дали е можно Владата воопшто да донесе одлука. Мојата порака ќе биде до сите директори, според нивните надлежности, нивните управни и надзорни одбори, ако Владата не е во позиција да донесе одлука поради членот 8 што произлегува од Изборниот законик, тоа да го направат самите – рече вицепремиерот Битиќи.

Прашан зошто предлогот во Собранието не е од Владата, туку од група пратеници од СДСМ, рече дека „немало разбирање од сите“.
– Имавме претходни дискусии. Имаше законски решенија во претходната влада, но едноставно немаше разбирање од сите чинители што се дел од Владата. Ние, како СДСМ, кои сметаме дека во општеството мора да има правични и праведни решенија, сметаме дека тоа е начин на кој треба да се интервенира – рече Битиќи, кој не сакаше да открие кои министри не сакале да се стопира зголемувањето на функционерските плати.
Според вицепремиерот, понуденото решение со намалување на коефициентите е најдоброто можно во овој момент, а тој се залага пресметката да се врши со методологија каква што има во јавниот сектор.
– Но, јас сум еден од 20-те министри и затоа сметам дека ова е најдоброто можно решение во овој момент за општеството – рече Битиќи.
Пратениците на СДСМ при поднесувањето на законските измени истакнаа дека целта е да се спречи зголемувањето на функционерските плати, кои беа зголемени за 78 проценти во март лани, откако Уставниот суд ја укина фиксната основица.
Според предложените измени, најголемиот коефициент 4,5, според кој се пресметува платата на претседателот, премиерот и спикерот на Собранието, ќе се намали на 3,92. Коефициентот за пратениците беше 3,5, а отсега ќе биде 3,04. Градоначалничката на Скопје земаше плата според коефициент од 3,7, кој сега е намален на 3,22, а ист коефициент има и државниот јавен обвинител. Претседателот на Судски совет имаше коефициент 4, отсега ќе има 3,7.
За минимален износ се намалени сите коефициенти и тие сега изнесуваат од 1,91 до 3,92.
Забележливо е дека коефициентите се правени на тој начин да останат сегашните плати на функционерите и ниедна да не се намали, но и да нема драстични зголемувања.