Ќе седат невработени, ама не им се излегува надвор од Скопје!

Плоштад „Македонија“ во Скопје
Плоштад „Македонија“ во Скопје / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Мора да се размислува за увоз на работна сила, иако тоа во моментот е компликуван процес, затоа и постојано бараме олеснување на правилата и на постапката за престој и работа на странски државјани, вели Виктор Мизо, директор на „Костал“

Невработените инженери и многу други специјалисти во своите области, не прифаќаат нови работни места ако тоа значи дека треба да патуваат или да живеат надвор од Скопје. Тоа е тажната вистина за мобилноста на работната сила во државава, па оттука и не е чудно што Скопскиот Регион има најголемо учество во бруто-домашниот производ, со повеќе од четириесетина проценти. И додека глобализацијата, заедно со намалувањето на транспортните трошоци, има значајно влијание врз мобилноста на работниците од една во друга земја, дури и меѓу оние што се оддалечени илјадници километри, кај нас се случува обратен процес, сите се слеваат кон Скопје.

– Ниската мобилност на работната сила надвор од главниот град е пречка за компаниите лоцирани надвор од Скопскиот Регион. Тоа е феномен со кој не можеме да се избориме со години, иако платите во технолошките зони, кои се лоцирани надвор од главниот град, годинава се зголемени од 10 до 20 отсто – вели Ѓорѓи Тренковски од „Дрекслмаер“.

Кажете ми каде во светот се случува таква концентрација на индустријата како што е кај нас во Скопје, прашува Виктор Мизо, директор на „Костал“, и додава дека сè потешко наоѓаат висококвалификуван кадар за компаниите што се лоцирани во внатрешноста.

– Немаме проблем со квантитетот, бидејќи работната сила ја добиваме со преквалификација и обуки. Но, тешко е од некој, кој до вчера работел како келнер во кафуле, да „произведете“ стручен работник на роботска машина. Речиси 80 отсто од нашите компании се незадоволни или делумно задоволни од состојбата со работната сила, а дури 63 отсто од компаниите имаат проблем со одлив на кадар, најчесто во странство. Мора да се размислува за увоз на работна сила, иако тоа во моментот е компликуван процес, затоа и постојано бараме олеснување на правилата и на постапката за престој и работа на странски државјани – додава Мизо.

Еден од најгорливите проблеми што треба да се решаваат е недостигот од работна сила, без разлика дали е високостручна или не, се согласува и Ирена Јакимоска, претседателка на Регионалната стопанска комора. Таа смета дека долгорочното решавање е системско, преку образовниот процес, а краткорочното со увоз на работна сила.

– Краткорочниот начин на надминување на проблемот со недостигот од работна сила, може да го решиме или со издавање забрзани дозволи за работа на украинските семејства на кои во овој момент им е неопходна помош и, секако, она што долго време го зборувам, е увоз на потенцијална работна сила од земји на кои Македонија би им била можност за дополнително заработување за нивните семејства – рече неодамна Јакимоска.

Во контекст на обезбедувањето со квалитетен кадар, Мизо открива и дека уште во октомври побарале список на македонски стипендисти што студираат на најдобрите технички универзитети од Шангајската листа, но сè уште не ја добиле!? Државата една деценија го финансира нивното стипендирање во странство, а сакаме да им понудиме високи работни позиции, дециден е Мизо.

– Не знаеме дали некоја институција дала отчет за тоа кој е ефектот по потрошени повеќе милиони долари за стипендирање стотици студенти за една деценија. Од друга страна, ние како Асоцијација застапуваме 34 компании, кои остваруваат 55 отсто од македонскиот извоз и имаме огромна потреба од инженери и други стручни квалификувани лица. Прашање е дали некој води сметка каде се сега тие, колкумина од нив останале во државата и колку од знаењето што го стекнале на светски познатите универзитети, реално го искористиле за помош на државата што го платила нивното школување – реагира директорот на „Костал“.

 Скопски Регион, површински најмал, ама најгусто населен

Во Скопскиот Регион живеат најголем број жители – 607. 007 или 33,04 проценти од вкупното резидентно население, иако е најмал по површина и опфаќа само 1.812 квадратни километри или 7,3 отсто од територијата на државата. Ова е и најгусто населен регион со 334.99 жители на квадратен километар, покажаа податоците од Пописот на населението 2021 година.
Ова е единствен од сите осум региони каде што е зголемен бројот на жители за 28.863, што е по 15,9 жители на квадратен километар или 4,99 проценти во однос на 2002 година. И во 2002 година регионот бил на прво место по бројот на жители со 28,51 отсто од вкупното население.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот