Ќе се проверува Битолскиот суд, кој го пушти Марковски од притвор со гаранција од речиси 5 милиони евра
Ќе се проверува постапувањето и одлучувањето на Битолскиот суд кој со гаранција од речиси 5 милиони евра го пушти од притвор бизнисменот и белоруски конзул Борче Марковски, сопственик на компанијата „Марковски компани“ која ги добиваше најголемите тендери од ЕСМ и РЕК Битола.
Препорачано
Судскиот совет на денешната седница донесе одлука за формирање работна група за увид во предметот на предлог на членот Ивица Николовски, кој го поддржаа 11 члена.
– Сите сме сведоци, сите ги читаме секојдневните написи на електронските медиуми во кои се изнесуваат наративи или содржина со кои се осудува постапувањето на тој суд или се нарушува угледот на судот. И затоа сметам дека како надлежна институција која ја следи работата на судовите треба да се изврши увид и да се констатира една состојба што е што, изјави Николовски.
За членови на работната група беа избрани Павлина Црвенковска, Данка Ристова и новата членка на Советот, Сузана Јошевска-Анастасовска. Марковски беше пуште од притвор на 16 јануари откако даде гаранција од 4,9 милиони евра во недвижен и друг имот и му беа одредени мерки за претпазливост.
Според обвинението, директори и раководители на подружници на РЕК Битола, како и директорот на комбинатот му наместиле тендер на Марковски за дислокација на погонските станици од рудникот „Осломеј“ во рудниците на РЕК Битола, вреден речиси 1, 5 милиони евра.
Всушност раководството иако знаело дека таквиот транспортен систем кој требало да се воспостави за рудата во РЕК, спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ го навеле Управниот одбор да го измени годишниот план и да овозможи реализација на јавната набавка, а минималните услови ги наместиле само за „Марковски компани“.


