Недовршените згради во кампусот на УКИМ / фото: Слободен печат / Методи Здравев

Ќе се доградуваат зградите на ФИНКИ и ФФК, фасадите нема да бидат барокни

Ќе се доградат зградите на Факултетот за физичка култура (ФФК) и Факултетот за информатички технологии (ФИНКИ) во рамките на кампусот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а фасадите, наспроти првичните планови, нема да бидат „барокни“, објави „СДК.мк“.

Двете згради се градат веќе една деценија, а градежните работи се запрени шест години, откако компанијата „Бетон Штип“ отиде во стечај.

Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата, Ивица Томовски, вели дека за овие објекти веќе е разговарано со Министерството за образование и се работи на отстранување на сите пречки за да може да продолжи градбата.

„Во тек се измените на Законот за градење, каде треба да се предвидат одредени членови со кои ќе може да продолжи градбата, оти поминати се десет години од почетокот на градежните работи. Штом се отстранат тие пречки, ќе се почне постапката за довршување на двете згради. Очекуваме догодина да се распише тендер за доградба и да почнат градежните работи“, вели Томовски.

Владата на Никола Груевски планираше фасадите да бидат во барокен стил, но Томовски сега вели дека ќе се направи измена во проектите и дека зградите ќе имаат модерна фасада. Според тендерот и договорот кој беше склучен со „Бетон Штип“, изградбата на зградата на ФИНКИ требаше да чини 10 милиони евра, а на Факултет за физичка култура 5,9 милиони евра. Засега не се знае колку ќе се отстапи од овие суми, со оглед на тоа дека објектите се оштетени од долгогодишното стоење во фаза на карабина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот