Ќе правиме сарма и ќе печеме колачи на поевтини киловати- се враќа дневната евтина тарифа

струја струјомер
Струја/ Фото: МИА

Евтината дневна тарифа домаќинствата ќе можат да ја користат од 13 до 15 часот, а од првиот декемвриски ден во сила ќе влезе новиот тарифен систем и тогаш ќе почне и сетирањето на броилата

Македонските граѓани бројат ситно до враќањето на дневната евтина тарифа на струјата, која е закажана за 1 декември. Периодот што со душа се чека повеќе од една година се поклопува со зголемената потрошувачка на енергијата пред новогодишните празници, кога максимално се грееме и готвиме. Евтината дневна тарифа домаќинствата ќе можат да ја користат во период од 13 до 15 часот, соопштија од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), а од првиот декемвриски ден во сила ќе влезе новиот тарифен систем и тогаш ќе почне и сетирањето на броилата, информираат за „Слободен печат“ од ЕВН.

Оваа поволност се најавуваше како можност уште од летоска, но терминот се развлече за шест месеци. Евтината дневна тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година, како последица на енергетската криза. И натаму останува вечерната евтина тарифа од 22 до 7 часот наутро. На почетокот на оваа година ДДВ за електрична енергија се зголеми од 5 на 10 отсто. Во летниот период се врати на редовните 18 отсто.

– Електродистрибуција поседува 170.000 броила со далечинска комуникација и 650.000 обични броила што треба да се нагодуваат на самото место. Броилата ќе се сетираат уште во декември, освен недостапните кои ќе се нагодуваат во наредниот период. Од 1-ви декември ќе влегува во сила новиот тарифен систем, а тогаш ќе почне и нагодувањето на броилата – објаснуваат од ЕВН.

Како што во претходните неколку наврати информираа од РКЕ, бидејќи само 170.000 броила се дигитални тие ќе можат компјутерски да се нагодуваат, останатите 650.000 ќе мора рачно да се приспособуваат, а за да се случи тоа, ќе мора да се чека на 1 декември да влезе во сила новиот тарифен систем. Според тоа, на почетокот на декември евтина дневна тарифа ќе добијат само оние со дигитални броила, а останатите ќе мора да почекаат уште неколку денови за да се заврши нагодувањето на самото место. Од компанијата претходно апелираа до граѓаните да бидат достапни нивните броила за да може да ја завршат работата.

Како и во претходните случаи, приспособувањето на секое поединечно броило е мануелно, за што е потребно физички контакт со секое од нив од екипите на ЕВН, во времетраење од 45 секунди до една минута во зависност од типот на броило.
По воведувањето на блок-тарифите, броилата имаат четири позиции во кои се регистрира скапата тарифа, а сега треба дополнително да се воведе и евтина тарифа.

Да потсетиме, Македонија, која беше единствената земја во регионот што применуваше поевтина дневна тарифа за струја, првпат ја укина таа тарифа во 2012 година поради трошоците за увоз. Тогаш и сите земји од поранешна Југославија ја укинаа евтината дневна тарифа на струјата, а некои од нив, како Србија и Хрватска, ја укинаа и евтината тарифа во недела. Потоа дневната тарифа беше вратена во 2017 година, а се укина во 2022-та.

Македонија е единствена со евтина дневна струја во регионот

Кога станува збор за ноќната тарифа на струјата, Србија е поделена на три зони – Војводина, Белград и централна Србија. За сите што живеат на територијата на Војводина секоја вечер од 23 до 7 часот поевтинува струјата. Кога станува збор за Белград, од полноќ до осум часот наутро. Во централна Србија потрошувачите користат поевтина тарифа од 22 до 6 часот. Важно е да се запамети дека поевтините цени може да се користат само ноќе и во пропишаното време за тој дел од земјата.

Хрватските домаќинства од 1 октомври 2023 до 31 март 2024 година ќе плаќаат просечна цена од 59 евра за мегават-час за полугодишна потрошувачка до 3.000 киловат часови, а во просек 88 евра за потрошувачка над тоа. Тоа значи дека домаќинствата можат да трошат повеќе струја по поповолна цена, соопшти премиерот Андреј Пленковиќ. Со преминот кон зимско сметање на времето, од 28 октомври годинава, босанските домаќинства со двотарифни броила ќе имаат т.н. евтина струја во работните денови и во сабота од 13 до 16 часот и од 22 до 19 часот, а во недела цел ден.

Во Црна Гора оние со стари тарифни броила, со примената на новите тарифни интервали, евтина струја имаат од 23-07 часот во зимско време и од 24-08 часот во летното време во текот на сите денови во неделата, освен во недела, кога пониската тарифа важи во текот на целиот ден од 00 до 24 ч. За оние со нови мултифункционални броила, интервалот за пресметување на пониската тарифа е секогаш од 23 до 7 часот, без разлика дали е зимско или летно сметање на времето, сите денови во неделата, освен недела кога се пресметува пониската тарифа од 00 – 24 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот