Ќе одлучува ли Револуционерната гарда за иднината на Иран?
По убиството на ајатолахот Али Хaменеи, во Иран владее неизвесност за иднината. Дали ќе има промена на раководството – или се заканува натамошна концентрација на моќта во рацете на Револуционерната гарда?
Смртта на Али Хаменеи означува историска пресвртница – не само за Иран, туку за целиот регион. 86-годишниот духовен и политички водач беше убиен во израелско-американски воздушен напад. Според Уставот, совет од 88 шиитски верски лица треба да одлучува кој ќе го наследи. Можни кандидати се поранешниот претседател Хасан Рохани, синот на Хаменеи, Моџтаба, кој важи за близок до Револуционерната гарда, како и Хасан Хомеини, внук на основачот на републиката, ајатолахот Хомеини, кој беше на чело на Иран до 1989 година. И во опозициските кругови се споменуваат имиња, а најзвучно меѓу нив е на Реза Пахлави, синот на шахот кој беше соборен во 1979 година. Но, иранската опозиција важи за внатрешно поделена. Тричлен совет од претседателот, шефот на правосудството и претставник на Советот на чувари привремено ги презема должностите на Хамнеи. Но, вистинското прашање е дали претстои само персонална промена, или и смена на системот? Револуционерната гарда игра клучна улога и покрај убиството на командантот Мохамед Папкур, таа се смета за централен столб на власта.
Препорачано
Убиство без преседан
За Бенте Шелер од Фондацијата Хајнрих Бел, смртта на Хаменеи е „многу симболичен настан“.
„Иако смртта на еден 86-годишник не е апсолутно изненадување“, сепак намерното убиство на актуелен шеф на држава е без преседан. Внатрешно-политички, но и според меѓународното право, ова е „многу деликатен момент“.
Иран се подготвувал за наследник на Хамнеи, но околностите на смртта на ситуацијата ѝ даваат сосема друга нова димензија, појаснува Шелер.
За Хана Фос, експерт за Блискиот Исток во фондацијата Фридрих Еберт, блиска до Социјалдемократската партија на Германија, апелот на Трамп укажува на фундаментално недоразбирање и открива „еден од главните проблеми“, односно дека Трамп „не ја разбира логиката на иранскиот режим и целиот негов безбедносен апарат“. Револуционерната гарда има своја разузнавачка служба, која пак одржува свои структури, згора на тоа и преку паравојски на домашен терен и во странство.
Одлучувачка сила: Револуционерната гарда
Претседателот на САД, Доналд Трамп, јавно побара од Револуционерната гарда да го положи оружјето. Шелер смета дека нема изгледи да се случи такво нешто. „Не мислам дека Револуционерната гарда ќе ја поколеба едно такво барање“, вели таа и додава дека за нив е нејасно што би добиле така, но е извесно што би изгубиле – моќ, влијание и значителни економски ресурси. Апаратот е голем и до сега нема значајни пребегнувања. Соодветно на тоа е мала веројатноста за нивно доброволно повлекување.
Што понатаму?
Според Шелер, тоа во голема мерка зависи од САД. Многу нешта се шпекулации. Клучното прашање е „со што ќе биде задоволен Трамп“. Можно е да продолжат поединечни воени напади, на пример насочени против балистичките или нуклеарни програми. Затоа Шелер стравува од натамошни борби – и ирански контранапади.
Фос пак смета дека е можно структурно поместување во земјата.
Револуционерната гарда е „целосно идеолошки управуван апарат кој истовремено функционира и како паравоена организација“. Дури и по загубата на нивниот командант, во идниот Иран таа би можела да игра дури уште посилна улога. Можна е натамошна милитаризација, во која формалните владини институции би изгубиле на важност на сметка на доминацијата на безбедносните органи.
Промена на режимот е малку веројатна
На двете експертки им се чини малку веројатна можноста за промена на режимот. Шелер повеќе смета на рокада во постоечката структура на моќ. „Поверојатно е дека ќе видиме рокада во овој апарат, отколку дека опозицијата сега ќе биде на потег“, вели Шелер. Иако населението покажа храброст и не му е потребен поттик од надвор, тоа исто така доживеа дека меѓународни ветувања остануваат неисполнети.
И Хана Фос смета дека можен наследник првично само ќе го замени раководството. Кружат имиња како она на поранешниот претседател Хасан Рохани.
„Но, тоа не би значело промена на режимот, туку само промена на раководството“.
Сепак, според нејзината процена, „значително поголемиот дел од иранското население“ посакува фундаментална промена, најрадо во форма на референдум за идната форма на државното уредување.
Стеснет политички простор за маневар
Дали желбата ќе стане реалност, во голема мера зависи од Револуционерната гарда, која не само што го контролира оружјето, туку и економијата и идеологијата. Шелер предупредува дека континуирано бомбардирање би можело да го загрози политичкиот простор за маневар. Сега би можело да се застане и да се овозможи обид, од моментот на шок да се изнуди промена.
„Ако едноставно се продолжи со бомбардирањето, ќе се пропушти моментот“, смета таа.
Иран се наоѓа на крстосница, а во изборот меѓу симболичен пресек и структурен континуитет, меѓу можна милитаризација и неисполнета желба за референдум, ќе се одлучи дали смртта на Хаменеи ќе биде повеќе од само персонална смена на раководството.
Извор: DW/ Автор: Керстен Книп


