Ќе одговараат социјалните работници од М. Брод кои не реагирале на сексуален напад врз девојче
Директорот на Центарот за социјални работи во Македонски Брод и една социјална работничка добија кривични пријави откако не реагирале на напад на педофил врз малолетно девојче, за потоа тој уште еднаш да го изврши грозоморниот чин врз истото девојче, соопшти МВР.
Препорачано
Случајот ја вознемири јавноста откако беше објавено дека 64-годишен жител на градот го нападнал детето на 7 март, а минувачи го забележале нападот и пријавиле во Центарот за социјални работи, но оттаму немало никаква реакција. По ова, педофилот повторно сексуално го малтретирал девојчето околу еден месец подоцна (на 6 април), кога беше и уапсен.
Директорот на ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи – Македонски Брод и вработена како социјална работничка во установата сега добија кривични пријави за непријавување кривично дело или сторител.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), двајцата пријавени, Р.С. (38) и К.В. (44), на 7 март годинава добиле телефонска пријава за полов напад и силување дете кое било доделено во згрижувачко семејство и не наполнило 15 години, извршено од лице од Македонски Брод.
„Пријавените не презеле никакви службени дејствија по добиената пријава. Тие, како службени лица, свесно пропуштиле да пријават кривично дело за кое дознале во вршењето на службената должност, а притоа не презеле никакви дејствија согласно Законот за социјална заштита и подзаконските акти, Законот за правда на децата, со што создале услов за повторна виктимизација на детето жртва на кривично дело“, велат од полицијата.


