Ќе јадеме поскап леб, а ќе готвиме со поскап зејтин

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Цените на брашното, на лебот и на белите печива ќе се зголемуваат и понатаму. Дел од приватните пекари веќе го направија зголемувањето на цените, но според мелничарите и увозниците и оние што не го направиле тоа, наскоро ќе мора да ги зголемат цените. Ќе се зголеми и цената на зејтинот, затоа што ни оваа од околу 90 денари, веќе не е исплатлива за производителите, а поскапел и увозот на сојата, палминото масло….

Горан Малишиќ, претседател на Мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора, во изјава за „Слободен печат“ објаснува дека во моментов има драстично зголемување на цените на пченицата на светските берзи.

– Цената на пченицата од почнувањето на пандемијата се зголеми за 20 проценти, а сега имаме ново драстично зголемување на цената во светски рамки. Штом се зголемува цената на пченицата, нормално е дека се зголемува и цената на брашното, потоа на лебот и на белите печива. Но, не е само растот на цената на пченицата причина за раст на овие цени. Цената на струјата за компаниите што одат на слободен пазар е зголемена 100 проценти, а и цените на амбалажите за пакување се зголемени за 40-ина проценти – вели Малишиќ.

Нашите потреби од пченица и од брашно околу една третина се задоволуваат од увоз. Но, Македонија е увозно зависна и од масло за јадење, од млечни производи, од месо. Така, сите берзански цени на храната се отсликуваат во нашата потрошувачка кошничка. Вестите од берзите, пак, не се пријатни.

Новосадската берза, која е значајна за нашето снабдување од Србија, извести дека во првата недела на септември е забележан рекорден раст на цената на сојата, дури за 11,6 проценти во однос на претходната недела, но има раст и на цените на други житарки, како и одложена жетва на сончоглед поради временските околности.

Румен Смилевски, сопственик на компанијата „Малина“ преку која го врши увозот на брашно и на пченица од Србија, вели дека лани цената на пченицата на тамошната берза била од 160 до 170 евра за тон, а сега таа е 215 до 220 евра за тон.

Компанијата на Смилевски е втор најголем акционер и во фабриката „Благој Ѓорев“, која го произведува маслото за јадење „кристал“. Состојбата со сончогледот, Смилевски ја нарекува „урнебес“.

– „Благој Ѓорев“ е единствената фабрика кај нас што произведува масло за јадење од сончоглед, за разлика од другите што купуваат нерафинирано масло, па го доработуваат. Ако порано го плаќавме сончогледот по цена од 280 евра за тон, сега цената достигна 450 евра за тон. Урнебесно! А, според берзите, уште и ќе расте цената. Ние со вакви цени не можеме да го задржиме сегашното ниво. Сега имавме состанок и веќе разговараме за зголемување на цената – вели Смилевски, кој е и претседател на Одборот на директори во „Благој Ѓорев “.

Цените на палмовото масло и шеќерот „жртви“ на контејнерскиот превоз

За многу производи не е само проблем цената на земјоделските производи, туку и цента на контејнерскиот транспорт, објаснува Румен Смилевски, кој преку своите компании врши увоз на повеќе земјоделски производи .

– За само три-четири месеци, цената за еден контејнер се зголеми од 800 на 7.000 евра. Јас такво нешто досега никогаш не сум видел! Тоа не е резултат на економски околности, туку на трговската војна меѓу Кина и Америка, А тоа ја зголемува крајната цена на продуктите што се транспортираат. На пример, цената на палмовото масло не е зголемена, но со ваков скок на цените на контејнерите, неговата крајна цена се зголеми од 60 на 75 денари за килограм. А тоа е многу широко распространет продукт – го користат од бурекчиите до фабриките за храна – објаснува Смилевски.

Смилевски вели дека водениот транспорт со контејнери значително ја зголемил и цената на шеќерот и дека сега се бараат начини како поголем увоз да се направи од регионот за да се избегнат контејнерите.

Ланската плата од 20.000 денари сега вреди 720 денари помалку

Августовската инфлацијата на годишно ниво покажала раст од 3,6 проценти, објави Државниот завод за статистика. Ова значи дека оние што лани имале, на пример, плата од 20.000 денари, ако истата ја добиваат и сега, таа им вреди 19.280 денари. Или поинаку кажано, сите оние што на ланската плата од 20.000 денари досега не добиле зголемување од 720 денари, колку што е инфлацијата, практично сега ја работат истата работа за помала вредност на парите.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, пак, е оптимист и тврди дека остануваат проекциите што беа наведени во ребалансот на буџетот од јули, според кои инфлацијата во 2021 година ќе биде 2,1 процент.

„Стапката на инфлација во 2021 година е предвидено да изнесува 2,1 процент, што претставува одредено интензивирање на инфлацијата споредено со 2020 година и е ревидирана нагорно во однос на првичната проекција (1,5 процент), при нагорна корекција на проектираниот раст на цените на примарните производи на светските берзи, како што се нафтата, пченицата и пченката, и нагорно придвижување на странската ефективна инфлација“, пишува во ребалансот на Буџетот.

Цените на индустриските производи за една година се зголемиле за 14 проценти

Во јули годинава, продажните цени на производителите на индустриски производи вкупно се повисоки за 1,8 проценти на месечно ниво, а за 14 проценти на годишно ниво, објави вчера Државниот завод за статистика.

На месечно ниво цените се повисоки во секторот „Рударство и вадење на камен“ за 2,9 проценти, во секторот „Преработувачка индустрија“ за 1 процент и во секторот „Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ за 13,3 проценти.

Во јули 2021, во споредба со јули 2020 година, продажните цени на производителите на индустриски производи се повисоки во секторот „Рударство и вадење камен“ за 35,2 проценти, во секторот „Преработувачка индустрија“ за 11,6 проценти и во секторот „Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ за 2,6 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот