
Ќе го спаси ли Даути спикерот Гаши од нова интерпелација?
Ако се забошоти (интерпелацијата на Даути), пратениците може да побараат интерпелација за претседателот на Собранието кој не може да ја префрла работата на некој друг. Тоа не е само неодговорно вршење на функцијата, туку и злоупотреба на функцијата, вели експретседателот на Собранието Тито Петковски
Пратеничката Илире Даути од Европскиот фронт ќе се повлече од местото претседател на Комисијата за социјална политика доколку мора да го спроведе заклучокот на Собранието, односно да закаже седница за законот за бранителите, откако парламентот со 61 глас во минатиот петок ја потврди интерпелацијата за неа поднесена од пратеничката група на Левица.
Препорачано
Комисијата за избори и именувања чека известување од претседателот на Собранието Африм Гаши дека на Даути ѝ е изгласана недоверба за да предложи нов претседател. Нејасно е дали Гаши ќе прати допис до Комисијата, зашто настана конфузија дали Даути по изгласаната интерпелација е разрешена од претседателка на Комисијата или не. Конфузијата ја направи токму првиот парламентарец Гаши со ставот дека интерпелацијата нема правно дејство.
Алијанса за Албанците повторно би ја предложила Даути
Дека Даути со интерпелацијата е разрешена од функцијата претседател, нема дилема ни поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, зашто Собранието веќе констатирало дека таа функцијата ја вршела несовесно, противзаконски и противуставно.

– Изгласаната интерпелација во Собранието, така како што е изгласан заклучокот, значи мое разрешување или мое дејствување под диктат на Левица и ВМРО-ДПМНЕ. Соочена со изборот помеѓу губење на функцијата претседател на Комисијата и дејствување под диктат, според условите поставени од Левица и предложени како Заклучок од Африм Гаши, не се сомневам дека ќе ја прифатам слободата на дејствување како пратеничка, како што сум направила досега, слободно и независно. Секој граѓанин треба да биде таков, без разлика на различноста што ја имаме – вели во писмената изјава Даути.
Од Алијанса за Албанците објаснуваат дека Даути е јасна во одговорот, односно дека со интерпелацијата таа е веќе разрешена, односно дека 61 пратеник гласале за тоа. Од таму додаваат дека Даути е децидна дека нема да работи по наредба на Левица, ВМРО-ДПМНЕ и на заклучокот потпишан од Гаши.
Таа веднаш по изгласаната интерпелација, преку Фејсбук навести дека нема да биде претседателка на Комисијата.
„Ако сум Таравар, дури и разрешена може да бидам претседател, ама јас сум Илире!
Даути веројатно алудира на судскиот предмет меѓу Зијадин Села и Арбен Таравари за тоа чија е Алијанса за Албанците.
Гаши, пак, останува на ставот дека интерпелацијата не значи и разрешување на Даути.
– Неточно е дека резултатот од гласањето за интерпелација наложува разрешување на г-ѓа Даути. Нагласуваме дека гласањето за интерпелацијата е израз на пратениците и нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот – велат од кабинетот на Гаши.
Сајкоски: Ќе закажам седница на Комисијата за да ја разрешиме Даути

Претседателот на Комисијата за избори и именувања Ѓорѓија Сајкоски за „Слободен печат“ вели дека ситуацијата е јасна и дека тие остануваат на ставот дека на Даути ѝ е изгласана недоверба. Следниот чекор е, вели Сајкоски, претседателот на Собранието да ја извести Комисијата дека е изгласана интерпелација за Даути. По ова, Сајкоски ќе закаже седница на Комисијата за избори и именувања, на која Даути ќе биде разрешена од претседател на Комисијата за социјална политика и Европскиот фронт треба да предложи друг пратеник за таа функција. Ако Гаши не испрати известување до Комисијата, Сајкоски вели дека ќе бараат други правни механизми одлуката на Собранието да се испочитува.
На координацијата кај претседателот на Собранието, иако беше најавено, ниту Гаши, ниту координаторите не го отвориле прашањето за различните позиции по интерпелацијата на Даути.
Но и покрај ставот на Даути, продолжува конфузијата. Лидерот на Даути и пратеник Зијадин Села изјави дека неговата партија нема да ја прифати оставката на Даути и дека таа ќе остане претседателка на Комисијата за социјална политика.
– По изгласувањето на интерпелацијата, ако треба повторно да предложиме кандидат за таа Комисија, тоа повторно ќе биде Илире Даути. Не се откажуваме од луѓето што ги избираме. Даути е избрана со вашиот глас, гласот на Албанците и Алијансата за Албанците – изјави Села.
Јасно е дека Села тера политика, зашто не тој и Алијанса, туку пленумот веќе ѝ изгласа недоверба на Даути. Но и првиот вицепремиер Изет Меџити од владејачката Вреди тврди дека Даути ќе остане претседателка.
– Потврдувам дека Илире Даути беше претседател на Комисија и ќе остане претседател на Комисија. Можеби имаме многу забелешки за Даути, но кога има иницијатива од Левица, ние сме против и затоа ќе ја поддржиме – изјави Меџити.
Освен Левица и ВМРО-ДПМНЕ, за интерпелацијата на Даути гласаа и од владејачката ЗНАМ. И тие остануваат на ставот дека на Даути ѝ е изгласана недоверба. Според ЗНАМ, Даути го прекршила Деловникот и санкцијата за тоа е разрешување.
– Ако ние утврдивме одговорност, а тоа не предизвикува санкција, тогаш се обесмислува самата интерпелација. Со усвојувањето на интерпелацијата, Даути е разрешена и таа повеќе не може да ја извршува претседателската функција во Комисијата. Очекуваме Европскиот фронт да предложи нов кандидат – вели Бобан Карапејоски од ЗНАМ.
Од Левица велат дека со усвојувањето на заклучокот, Собранието покажало дека пратеничката од Европскиот фронт не е достојна да ја извршува функцијата претседател на Комисијата. Според Левица, ако Даути остане на функцијата, тоа ќе создаде опасен преседан што целосно ја обезвреднува правната алатка на интерпелацијата. Според нив, ниту едно пристрасно или произволно толкување на Деловникот од страна на спикерот Африм Гаши, не може да ја ослободи Даути од одговорност.
Експретседателот на Собранието Тито Петковски е дециден дека нема никаква дилема што значи изгласана интерпелација.
– Нема тука никакви дилеми, јасни се одредбите и во Уставот и во Деловникот. Не е добро претседателот на Собранието да се крие зад некои деловнички непрецизности или поинаку да го толкува Деловникот. Јасно е дека единствен што го толкува Деловникот е претседателот на Собранието, меѓутоа овде уставната одредба е толку јасна што нема апсолутно никаква причина да се забавува претседателот на Собранието со некои несуштински работи. За мене нема дилема, интерпелацијата е инструмент на политичка контрола врз работата на Владата и на носителите на јавни функции кои одговараат пред Собранието и точка – вели Петковски за „Слободен печат“.

Тој додава дека Собранието констатирало дека претседателката на Комисијата не е достојна да ја врши функцијата, односно дека Собранието што ја избрало на таа функција може и да ја разреши.
– Ако Собранието констатирало дека е недостоинствена, значи има политичка и морална одговорност, треба да се дистанцира, односно да се отстрани од функцијата претседателка на Комисијата и толку – вели Петковски.
Тој додава дека Комисијата за избори и именувања нема што да расправа и да ја разрешува, бидејќи не е над пленумот, туку да предложи нов кандидат за таа функција.
– Комисијата ќе констатира дека Собранието изгласало недоверба на претседателката и предлага нов кандидат за претседател што Собранието треба да го избере на првата наредна седница. Европскиот фронт не може повторно да ја номинира Даути, зашто Собранието констатирало дека е недостојна да ја врши функцијата и треба да достави нов предлог. Ако сè се забошоти, тогаш пратениците може да побараат политичка одговорност, односно интерпелација за претседателот на Собранието. Претседателот ја организира работата на Собранието и не може да ја префрли на некој друг, па сега некој друг е одговорен, а тој некој друг е од друга партија, па не сака да се промени. Тогаш тоа е не само неодговорно вршење на функцијата, туку и злоупотреба на функцијата претседател на Собранието, зашто избегнува политичка одговорност на некој пратеник, не сака да закаже седница. Ова се крајно несериозни работи, да се крие зад процедурални нејаснотии за него, за мене нема дилема – дециден е Петковски.