Ким Џонг Ун воведе нов страв – смрт за гледање странски филмови и серии
Канцеларијата на ОН за човекови права утврдила дека севернокорејската власт во последната деценија ја зајакнала контролата врз сите аспекти од животот на граѓаните.
Властите во Северна Кореја сè почесто ја користат смртната казна, дури и против оние кои споделуваат странски филмови и телевизиски серии, покажува извештајот на Обединетите нации, пренесе Би-Би-Си.
Препорачано
Притоа, властите на земјата која е речиси целосно отсечена од остатокот на светот, сè повеќе применуваат присилна работа и дополнително ги ограничуваат основните човекови слободи, се наведува во извештајот.
Канцеларијата на ОН за човекови права утврдила дека севернокорејската власт во последната деценија ја зајакнала контролата врз сите аспекти од животот на граѓаните.
„Ниту една друга група луѓе денес не е подложна на толку ограничувања“, стои во заклучокот.
Една од причините е тоа што надзорот, делумно благодарение на напредокот на технологијата, станал посеопфатен од кога било порано.
Доколку ваквата состојба продолжи, народот на Северна Кореја ќе продолжи да трпи сè поголеми страдања, брутална репресија и страв, на кои се изложени веќе со децении, предупредува Фолкер Тирк, висок комесар на ОН за човекови права.
Извештајот, составен врз основа на повеќе од 300 интервјуа со луѓе кои побегнале од Северна Кореја во последните десет години, покажува дека смртната казна се користи сè почесто. Од 2015 година се донесени најмалку шест нови закони кои дозволуваат изрекување смртна казна.
Едно од „злосторствата“ кои сега може да се казнат со смрт е споделувањето странска содржина, како филмови и серии.
Сето тоа е дел од напорите на режимот на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун драстично да го ограничи пристапот до информации.
Од 2020 година зачестиле егзекуциите поради дистрибуција на странска содржина, кои често се спроведуваат со јавно стрелање, за да се заплашат граѓаните и да се обесхрабрат да ги прекршуваат законите, велат поранешни жители на Северна Кореја.
Канг Ѓури, која побегнала во 2023 година, раскажала за Би-Би-Си дека тројца нејзини пријатели биле погубени затоа што поседувале материјали од Јужна Кореја.
Таа присуствувала на судењето на 23-годишен пријател кој бил осуден на смрт.
„Му судеше ист суд како и на дилерите со дрога. Денес тоа се третира исто“, рекла таа, додавајќи дека од 2020 година луѓето живеат во сè поголем страв.
Очекувањата на граѓаните во Северна Кореја порано биле сосема поинакви.
Кога Ким Џонг Ун дојде на власт во 2011 година, многумина веруваа дека нешто ќе се промени на подобро.
Ветуваше дека народот повеќе нема да „го затега каишот“, што значело дека ќе имаат доволно храна, најавуваше јакнење на економијата и развој на нуклеарната програма за одбрана на земјата.
Но, откако во 2019 година ги прекина дипломатските контакти со Западот и САД, фокусирајќи се исклучиво на вооружувањето, животните услови и состојбата со човековите права во земјата дополнително се влошиле, покажува извештајот на ОН.
Речиси сите испитаници изјавиле дека немаат доволно храна и дека трите оброци дневно станале луксуз.
За време на пандемијата на коронавирус, многумина сведочеле за сериозен недостиг на храна и луѓе кои умирале од глад низ целата земја.
Истовремено, властите почнале да ги задушуваат неформалните пазари, кои на семејствата им овозможувале да преживеат. Бегството од земјата станало речиси невозможно поради заострените контроли на границата со Кина и наредбата на војниците да пукаат во секој што ќе се обиде да ја премине, велат избеганите Севернокорејци.
„На почетокот од владеењето на Ким имавме некаква надеж, но таа не траеше долго“, рекла девојка која побегнала во 2018 година, кога имала само 17 години.
„Владата постепено им го одзеде на луѓето правото самостојно да заработуваат, а животот стана секојдневна борба“, додала таа.
„Во последните десет години, владата воспостави речиси целосна контрола врз народот, ускратувајќи им го правото сами да одлучуваат, без разлика дали се работи за економски, општествени или политички прашања“, се вели во извештајот на ОН.
Технолошкиот напредок во областа на надзорот дополнително ја засилил оваа репресија.
Еден од соговорниците им рекол на истражувачите дека мерките се воведени „за да им се затворат очите и ушите на луѓето“.
„Целта е целосна контрола и задушување на секоја форма на незадоволство или приговор“, изјавил тој.
Извештајот открива и дека властите сè повеќе користат присилна работа.
Луѓе од сиромашни семејства се регрутираат во таканаречени „шок-бригади“, кои се користат за тешки физички работи, како на градилишта и во рудници.
Иако работниците се надеваат дека на тој начин ќе го подобрат својот општествен статус, тие работи се исклучително опасни, а смртните случаи се чести.
Наместо да ги подобри условите, власта ги користи смртните случаи во пропагандни цели, претставувајќи ги како жртви за Ким Џонг Ун.
Во последните неколку години, како што се наведува, биле регрутирани дури и сирачиња и деца од улица.
Сите овие сознанија доаѓаат една деценија по големиот извештај на ОН од 2014 година, кога првпат беше утврдено дека севернокорејската влада врши злосторства против човештвото.
Некои од најтешките прекршувања на човековите права биле документирани во озлогласените политички логори, каде луѓето може да бидат затворени до крајот на животот.
Новиот извештај од 2025 година покажува дека најмалку четири такви логора и натаму се активни, додека затворениците во „обичните“ затвори сè уште се изложени на мачење и злоставување.
Многу избегани Севернокорејци сведочеле дека затвореници умирале поради нехумани услови, прекумерна работа и неухранетост, иако ОН наведува дека дошло до благо намалување на насилството во тие затвори.
Обединетите нации повикуваат сè ова да се проследи до Меѓународниот кривичен суд во Хаг, но за тоа е потребна одлука на Советот за безбедност на ОН.
Двете постојани членки – Кина и Русија – повеќепати од 2019 година ги блокирале обидите за воведување нови санкции против Северна Кореја.
Ким Џонг Ун неодамна се појави на воена парада во Пекинг во друштво на кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот лидер Владимир Путин, со што испратија порака на премолчена поддршка за севернокорејската нуклеарна програма и нејзината внатрешна политика.
И покрај повиците на меѓународната заедница за реакција, ОН апелира и до властите на Северна Кореја да ги укинат политичките логори, да ја укинат смртната казна и да им овозможат на граѓаните да учат за човековите права.
„Нашите извештаи јасно покажуваат силна желба за промени, особено меѓу младите во Северна Кореја“, заклучил Фолкер Тирк, висок комесар на ОН за човекови права.


