Кери Лам: Eскалацијата на насилството во Хонгконг нема да ги реши социјалните проблеми

Ескалацијата на насилството не може да ги реши социјалните проблеми во Хонгконг, рече лидерот на Хонгконг, Кери Лам, додавајќи дека таа длабоко жали за мешањето од странство во домашните работи на азискиот финансиски центар.

– Ескалацијата и продолжувањето на насилството не можат да ги решат прашањата со кои се соочува нашето општество сега – рече Лам на прес-конференција.

– Тоа само ќе го продлабочи конфликтот, спротивностите, поделбите, па дури и омразата во општеството.

Кери Лам зборуваше по уште еден викенд немири и судири во таа поранешна британска колонија. Полицијата соопшти дека 157 лица биле уапсени во текот на викендот за незаконски протести, поседување оружје, предизвикување штета, грабеж и напад врз полицајци.

За да ги растера демонстрантите, полицијата употреби солзавец.

– Исклучително непримерно е странски парламенти да се мешаат во внатрешните работи на Хонгконг на кој било начин и ние нема да дозволиме (САД) да учествуваат во овие прашања, рече Лам.

За време на митингот пред американскиот конзулат вчера, илјадници демонстранти побараа помош за демократијата во Хонгконг.

Демонстрантите сакаат американскиот Конгрес да донесе закон според кој Вашингтон ќе направи годишни проценки за тоа дали Хонгконг е доволно автономен од континентална Кина за да ги задржи посебните американски трговски и економски бенефити.

Кинеските власти ги обвинија странските сили дека се обидуваат да го повредат Пекинг со создавање хаос во Хонгконг и ги предупредија другите земји да не се мешаат во внатрешните работи на Кина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот