Ќе се избира топ-модел за избори

Фото: Слободен печат/Борче Поповски

Една или 120 изборни единици? Отворени или затворени листи за избор на пратеници? И уште многу други прашања треба да бидат одговорени во јавната дебата за тоа како ќе изгледа конечната верзија на Изборниот законик, односно според каков изборен модел ќе гласаме. Се очекува расправата да биде наскоро отворена, а во неа да се вклучат политички партии, институции и експерти. Ова го соопшти Владата откако завчера официјално ги почна разговорите со меѓународните институции околу измените на Изборниот законик.

Како што тврдат владините извори, со опозициската ВМРО-ДПМНЕ во моментов постојат големи несогласувања околу ова прашање, но заедничкиот став ќе се гради на претстојните работни средби.

– За нас е прифатлива една изборна единица, а исто така и отворени листи. Сепак, тие две работи не одат заедно, бидејќи од вкупно 120 кандидати да го барате тој што сакате да го гласате навистина дава преференција на големите градови, а руралните средини ќе го немаат тоа право. Како и да е, прифатливи се повеќе изборни единици со отворени листи, а прифатлива е и само една изборна единица без отворени листи. Ние сме само еден мал партиципиент од сите политички субјекти, но верувам дека и другите политички партии ќе направат исчекор со цел да имаме помодерни и подемократски права. Апелирам да се седне на иста маса, да се вклучат институциите во заедничка работа и заедно со политичките партии и експертите да донесеме нов Изборен законик колку што е можно побрзо – истакна премиерот Зоран Заев.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ е расположена за разговор, коментираат оттаму и додаваат дека имаат и нова идеја за тоа како да се изведат промените со Изборниот законик. Тие предлагаат мнозински модел за избор на пратеници во само еден изборен круг по примерот на САД и Велика Британија, со кој сметаат дека пратениците ќе имаат повисок интегритет.

Потпретседателот на партијата, Александар Николовски, објаснува дека најдобро би било да има 120 изборни единици и оној што ќе има најмногу гласови во првиот круг да биде избран за пратеник.

– Целата работа со гласањето треба да заврши во само еден круг, а тоа е затоа што манипулациите и комбинациите секогаш се прават помеѓу двата круга. Ова е модел којшто носи стабилност и во Велика Британија и во САД – вели Николовски.

Европската унија и ОБСЕ/ОДИХР, пак, предлагаат пропорционален изборен модел со отворени листи. Деновиве и помалите политички партии излегоа со истиот предлог, плус намалување на бројот на изборни единици, од причина што со постојниот модел мака мачат да стигнат барем до една фотелја во македонскиот парламент.

Нив ги поддржа и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој смета дека прагот на потребни гласови треба да биде минимален или воопшто да не постои.

И експертите навиваат за отворени листи и за една изборна единица, со што сметаат дека на тој начин ќе се ограничи моќта на големите партии, а ќе се зголеми шансата повеќе партии да влезат во Собранието, без претходно да мораат да коалицираат со големите партии. Единствениот проблем, според нив, би можел да се појави доколку има една изборна единица и доколку се отворат партиските листи, бидејќи тоа практично ќе значи дека 120 кандидати ќе се појават на секоја поединечна листа и на тој начин ќе се усложни и ќе се комплицира самиот процес на гласање. Тие објаснуваат дека гласовите што партиите ги губат со сегашниот изборен модел се гласови под прагот за избор на еден пратеник, а тоа кај нас, велат тие, во просек изнесува околу 7.000 гласа. Од 2002 година пратениците во Собранието, како и советниците во општинските совети, се избираат преку актуелниот пропорционален модел при што државата е поделена во шест изборни единици.

Осумтемина независни пратеници бараат учество

Пратениците од независната група од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за уставните измени, сега бараат место во работните групи за измени на Изборниот законик, со цел, како што велат, поголема демократизација на општеството и со тоа позадоволни граѓани.

„Функцијата на Собранието во парламентарна демократија каква што е и Македонија треба да се надоградува. Во таа насока, време е за прашања значајни како Изборниот законик да се зборува транспарентно и со учество на повеќе страни. Пратеници, граѓански сектор, јавноста, треба да бидат дел од овој процес за истиот да заврши позитивно и како што е најдобро за демократијата. Никој нема ексклузивно право над овие значајни прашања, а нашето учество ќе го збогати процесот и ќе придонесе за поквалитетно решение“, наведено е во нивното соопштение.

Арсовски: Губењето гласови да се сведе на минимум

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски коментира дека изборното решение би требало да го зголеми степенот на репрезентативност до максимум, односно да го намали губењето гласови на минимум.

– По правило, тоа значи една изборна единица, зашто со повеќе изборни единици поголема е загубата на гласови во секоја изборна единица одделно. На пример, ако сега една партија теоретски може да изгуби до 40.000 гласа, со спојувањето на изборните единици тој губиток би се намалил на 7.000, а тоа значи дека би се подигнал степенот на репрезентативност до математичкиот максимум – објаснува Арсовски.

ВМРО-НП: Една изборна единица без изборен праг

Партијата на Љубчо Георгиевски, ВМРО-НП, е цврсто убедена дека измените во Изборниот законик ќе претставуваат најсигурен пат до вистинскиот плуралистички состав на парламентот и дека ќе се обезбеди широка и трајна демократизација на македонското општество.

„Уште во 2011 година ВМРО-НП упати јасен став и иницијатива за измени во Изборниот законик, со што Македонија би била една изборна единица без изборен праг, од едноставна причина што само така земјава може да го почувствува вистинскиот плурализам и да ги испочитува различностите во партиско-политичката сфера. И покрај калкулирањата на некои политички партии, по осум години континуирано потсетување и борба за оваа иницијатива сѐ уште стоиме на истиот став и упатуваме огромна поддршка за нејзино конечно реализирање“, се наведува во соопштението од партијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот