Ќе го послушаат ли Чулев и Петровска премиерот? МВР да се фокусира на организирање фер и демократски избори

По се позачестените несогласувања меѓу првите луѓе во МВР едниот од ВМРО-ДПМНЕ и вториот од СДСМ денеска се јави и техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Додека во МВР деновиве се очекува да се надминат недоразбирањата меѓу техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев и заменичката Славјанка Петровска, денеска првиот полицаец се сретна со претставници на ОБСЕ и со амбасадорката на Велика Британија. И на шефот на Мисијата на ОБСЕ амбасадорот Клеменс Која, и на Рејчел Галовеј, Чулев им посочил дека ќе се залага МВР да организира фер и демократски избори. На сребата со претставниците на ОБСЕ било договорено континуирана комуникација и интензивирање на меѓусебната соработка со цел успешна имплементација на активностите поврзани со претстојните парламентарни избори.

По се позачестените несогласувања меѓу првите луѓе во МВР едниот од ВМРО-ДПМНЕ и вториот од СДСМ денеска се јави и техничкиот премиер Оливер Спасовски. Тој порача дека институциите треба да продолжат нормално да функционираат за да можат да ги испорачаат услугите потребни на граѓаните, пред се на одржување на безбедноста и стабилноста и дека сите политички субјекти во Владата треба да имаат политички сенс и одговорост и да не излегуваат надвор од рамките на она што им е дадено со Законот за влада. Приоритет на Пржинската влада е изборите закажани за 12 април да бидат фер и демократски.

Спасовски очекува низ дијалог да се решаваат сите прашања. Во делот на возилата, поранешниот министер за внатрешни работи смета дека тоа треба да биде последната работа за која граѓаните треба да се грижат.

– За нас е поважно да функционираат институциите и да се одржи безбедноста. Токму заради тоа сметам дека задачата која ја доби директорот на БЈБ – да ги согледа сите овие состојби произлезени од една испратена телеграма со која се укинуваат сите наредби, се покажа дека тоа не е најисправниот модел и очекувам дека тоа денеска ќе го затворат во МВР – рече Спасовски.

Денеска се огласи и ДИК, и се прогласи за ненадлежна да одлучува по барањето од министерот за внатрешни работи да кажат што е спорно во назначувањето на Ристо Старевски за командир во СВР Скопје. Тие сметаат дека именувањето на Ставревски не е работа поврзана со кадровските или финансиските прашања поврзани со организација на претстојните избори. Според извори во ДИК, за ваквите недоразбирања надлежен е Управниот суд.

Инаку на вчерашната проширена средба во МВР, како што од оваа институција информираа во врска со телеграмата за возилата, било договорено во постапка водена од Одделот за внатрешна контрола да се утврди дали службените возиле се користеле несоодветно и да се направи соодветна распределба. За телеграмата со која се наложуваше прераспределби на одредени раководители ќе одлучува директорот на БЈБ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот