Карпош ќе го „скрши мразот“, седниците на Зум – платформата ќе се пренесуваат во живо

Ниедна од скопските општини сѐ уште не пројави интерес, ниту се ангажира на своите жители да им овозможи пренос од седниците на советите, каде се решаваат прашања и се носат одлуки битни за животот на граѓаните. Единствено седниците на Град Скопје се пренесуваат во живо последниве месеци откако започна мандатот на градоначалничката Данела Арсовска.

Советниците од Советот на Општина Карпош на последната седница, како што известија од локалната власт, го поддржале предлогот според кој седниците кои ќе се одржуваат на платформата „Зум“, ќе се пренесуваат во живо на општинскиот Фејсбук профил или официјалниот Јутјуб канал. Но, што ќе се случува со седниците кои нема да се одржуваат на „Зум“? Од Општина Карпош за ова нема одговор, ниту пак има информација до каде е постапката за набавка на техничка опрема за онлајн пренос на седниците.

Пред два дена се одржа седница и на Општина Центар, ама освен известување за одржувањето и дневниот ред, до граѓаните по завршувањето на седницата не стигна информација што се случувало таму.

Општина Центар и понатаму е без снимање и емитување на седниците на Советот. Центар заостанува зад многу општини како Богданци, Кавадарци, Куманово, Свети Николе, а сега и зад Карпош. Технички решенија за снимање и емитување на седниците има многу. Клучно, потребно е само политичка волја и подготвеност за транспрентност – реагираа од „Шанса за Центар.

Оттаму посочија дека и во Центар седниците се на „Зум“, а тоа, според нив, е можност со неколку клика да бидат споделени на социјалните мрежи и да станат достапни за пошироката публика и за граѓаните од општината.

Пренос на седниците не вршат ни другите општини во Скопје. После седниците обично излегуваат со соопштенија во кои се кажува само она што тие самите сакаат да го споделат со јавноста. Притоа, да потсетиме, во предизборната кампања сите ветуваа транспарентна работа пред своите граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот