Каракачанов: Сиљановска не доаѓа во официјална посета на Софија – сама нека си ја изгледа претставата, нека си касне сендвич и нека си оди
Ексминистерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, но од позиција на своето звање доктор по меѓународно право и меѓународни односи се осврна критички на бугарските власти во однос на најавената посета на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Софија, каде ќе ја проследи изведбата на операта „Набуко“ на Националната опера и балет заедно со бугарскиот претседател Румен Радев при што нејзиниот престој во бугарската престолнина ќе биде искористен и за прва средба меѓу двајцата претседатели.
„Северномакедонската претседателка Гордана Сиљановска во петок ќе допатува во Бугарија, придружувана од министерот за култура на нашиот западен сосед. Таа доаѓа во операта во Софија и можеби ќе се сретне со претседателот Радев. Што значи ова? Тоа значи дека Сиљановска во Бугарија доаѓа не во официјална посета, туку како вљубеник во оперската уметност и, патем, ќе се сретне со некои официјални лица. Ова е обид за бегство од официјални разговори. Тоа исто така значи дека Северна Македонија продолжува да смета дека ништо не зависи од одлуките на Бугарија и може да продолжи да ја ескалира својата антибугарска реторика, потпирајќи се на надворешни фактори кои одлучуваат за Бугарија. Донекаде се во право, ја набљудуваат безрбетната и понижувачка политика на „слулчајните лица“ кои владеат со Бугарија во последните 3 години, и тоа што не ни ја одредува бугарската влада, туку „амбасадите“, напиша д-р Каракачанов на својот профил на Фејбук.
Тој потсетува дека откако беше избрана во мај 2024 година, Сиљановска постојано „ги занемаруваше нормалните односи со Бугарија, наведувајќи дека во Договорот за пријателство и добрососедство меѓу РСМ и Бугарија никаде не пишувало дека треба да го сменат својот устав за во него да ги вклучи и Бугарите. Таа дури и во своите јавни настапи вели дека ќе го потсети претседателот Радев дека договорите не се вечни“.
– Нејзиниот шеф Мицкоски отворено ги саботираше односите со Бугарија, дури и одби да разговара со бугарската влада бидејќи тоа била техничка. Тој отворено се спротивставува на изградбата на Коридорот број 8, бидејќи приоритет на македонската влада беше да има врска со Белград и Солун – нагласува Каракачанов.
Претседателот на бугарското ВМРО во продолжение на објавата упати прашање до официјалните институции во Бугарија до кога ќе толерираат таков став.
– Би требало официјална Софија да ја запрее политиката на спуштени гаќи и понижувачко ропство што ни е наметната однадвор и цврсто да ги постави прашањата за почитување на договорот потпишан со Скопје од 2017 година. Бугарија не треба да отстапи од барањата за стопирање на јазикот на омразата и прогонот на Бугарите во Република Северна Македонија, како и признавањето на Бугарите како конститутивен народ во РСМ – категоричен е и Каракачанов и додава дека сè друго е бесмислено.
Каракачанов смета дека нема потреба од вакви забави во операта односно од најавеното заедничко гледање на операта „Набуко“ со која гостува Националната опера и балет во Софија.
– Ако претседателот и владата сакаат нешто да се смени во нашите билатерални односи нека ја остават љубителката на операта Сиљановска сама да ја изгледа претставата, да касне сендвич за време на паузата и да си оди. А ако сака да преговара со Бугарија, следниот пат нека дојде во официјална посета со конкретна агенда за разговори, а не да ни протуркува ориентални трикови во стилот на ексјугословенска политика на Белград – им порача Каракачанов на бугарските власти кои ќе ја пречекаат Сиљановска в петок во Софија.