
Кандидатот за ректор на УМТ со двојки од средно не успеа, избран е ривалот Фетаји
Денеска точно напладне почна гласањето за избор на нов ректор на државниот Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје. Секој факултет беше поделен на избирачки места во различни кабинети. Право на глас имаа целиот академски кадар и по еден студентски претставник од секој факултет. По пребројувањето на гласовите, кандидатот проф. д-р Беким Фетаји е прогласен за победник со 38 гласа, три гласа повеќе од противкандидатот, проф. д-р Блерим Саити.
Препорачано
Беким Фетаји е ИТ инженер, во чија биографија пишува дека дипломирал на Универзтитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, магистерските студии ги завршил во Оксфорд, Обединетото Кралство, а студиите за доктор на технолошки науки – во Грац, Австрија.
Неговиот противкандидат, Блерим Саити, е професор по физичко. Според неговото ЦВ, факултетот и магистерските студии ги завршил на Институтот за физичка култура при Универзитетот во Тирана, а докторирал на „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2013 година.
Пред неколку дена, дел од академскиот свет на овој Универзитет изрази загриженост откако телевизијата „Клан“ објави извод од главната книга во училиштето во кое Саити го завршил средното образование во Дебар, според кој тој во втора година имал двојки по сите предмети освен по Ликовно.
Но, на прашањето за ова, претседателот на Централната изборна комисија Зоран Гацовски рече дека Саити ги исполнил условите како кандидат.
Беким Фетаји во понеделник официјално ќе го преземе мандатот на ректор. Тој ќе биде третиот ректор по Изет Зеќири и Азиз Положани.