ВИДЕО | Канада се извини откако во парламентот му беше аплаудирано на поранешниот нацист

Трудо и Зеленски / Фото EPA-EFE/UKRAINIAN PRESIDENTIAL PRESS SERVICE

Фактот дека Украинец кој се борел во нацистичка единица во Втората светска војна бил поканет во канадскиот парламент е „голем срам“ за Канада, изјави премиерот на таа земја, Џастин Трудо. 98-годишниот Јарослав Хунка доби овации откако претседателот на Долниот дом Ентони Рота го нарече „херој“ за време на посетата на украинскиот претседател во петокот.

Рота рече дека не знаел за нацистичките врски на Хунка и дека згрешил што го поканил на настанот. Тој сега се соочува со повици да поднесе оставка. Трудо вчера им призна на новинарите дека „е исклучително вознемирувачко тоа што се случи“.

„Ова е нешто што е голем срам за Парламентот на Канада, а со тоа и за сите Канаѓани“, додаде тој.

Инцидентот се случи во петокот, кога во парламентот се одржа обраќањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Хунка седеше во галеријата на Долниот дом кога Рота покажа кон него, велејќи дека човекот е „украински херој, канадски херој и тие му благодарат за целата негова услуга“.

Присутните во зградата одговорија со аплауз. Илјадници Украинци се бореле на германската страна за време на војната, но милиони други служеле во советската Црвена армија. Рота во неделата призна дека дури „отпосле дознал повеќе информации“ по што зажалил за својата одлука.

„Никој, вклучително и колегите парламентарци и украинската делегација, не беа свесни за мојата намера или за моите забелешки пред да ги дадам. Конкретно, сакам да им се извинам на еврејските заедници во Канада и ширум светот. Ја прифаќам целосната одговорност за моите постапки“, продолжи тој.

Опозициските политичари бараат тој да поднесе оставка, вклучувајќи го и пратеникот од редовите на Нова демократска партија, Питер Џулијан, кој го нарече инцидентот „непростлива грешка“.

Сепак, канадскиот премиер не го повика Рота, кој е член на неговата Либерална партија, да поднесе оставка. Од неговиот кабинет соопштија дека одлуката за покана на Хунка ја донеле исклучиво претседателскиот кабинет. Тие ги отфрлија и наводите дека имало приватна средба меѓу Хунка и премиерот.

Одлуката да се оддаде чест на човек со врски со нацистичка Германија може да има импликации надвор од границите на Канада. Трудо, исто така, посочи дека Русија ќе го искористи инцидентот за да поттикне лажна приказна за Украина. Рускиот претседател Владимир Путин се обиде да ја оправда својата инвазија на Украина со лажно тврдење дека Русија сака да ја „денализира“ земјата.

„Мислам дека ќе биде многу важно сите да се спротивставиме на руските дезинформации и да продолжиме со нашата непоколеблива недвосмислена поддршка за Украина“, рече Трудо.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, инцидентот во Претставничкиот дом го нарече „безобразен“.

„Многу западни земји, вклучително и Канада, израснаа млада генерација која не знае кој со кого се борел или што се случило за време на Втората светска војна. И тие не знаат ништо за заканата од фашизмот“, рече тој.

Патем, за време на Втората светска војна, Хунка служел во 14-та дивизија Вафен-СС Гренадиер, позната и како дивизија Галиција – волонтерска единица составена претежно од етнички Украинци под нацистичка команда.

Членовите на дивизијата биле обвинети за убиство на полски и еврејски цивили, иако судот не ја прогласил единицата за виновна за воени злосторства. Единицата била преименувана во Прва украинска дивизија пред да им се предаде на западните сојузници во 1945 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот