Каллива смеса истекува од новиот рудник „Боров Дол“ кај езерото Мантово

Фото: Еколошкото друштво „Кленика“

Каллива вода истекува од новоотворениот коп „Боров дол“ на рудникот Бучим во близина на акумулацијата Мантово и се влева во реката Крива Лакавица, притока на Брегалница, алармира еколошкото друштво „Кленика“.

Граѓаните кои имаат имоти и куќи во непосредна близина на локацијата на новиот рудник за бакар на фирмата „Бучим“ од Радовиш се загрижени дека уште од самиот почеток на експлоатација на рудникот со отворен коп почнаа и еколошките проблеми и бараат од надлежните да ја задолжат компанијата која е концесионер на рудникот да ги запазува сите неопходни еколошки предуслови за работа.

„Водата во потокот Боров Дол е 20 дена континуирано каллива, таква е поголемиот дел од месеците откако почнаа предексплоатациските копања, и таа неконтролирано се излева“, вели за „Слободен печат“ Зоран Стојанов, еден од сопствениците на имот во близина на отворениот коп Боров Дол.

Неговата куќа се наоѓа на само 700 метри од рудничката концесија, а на иста толкава раздалеченост е и акумулацијата Мантово, популарно излетиште со голема викенд-населба со повеќе од 200 куќи. Новиот рудник зафаќа концесиски простор на територија на три општини – Радовиш, Конче и Штип.

Фото: Еколошкото друштво „Кленика“

Сопствениците на имотите во близина на рудникот се сериозно загрижени што државата дозволила рудникот да почне со работа без да биде комплетиран целиот систем за пречистување на отпадните води, кој треба да се состои од таложник со брана. Сега, поради затната цевка, калта непречено тече во потокот.

Од „Кленика“ изразуваат стравување дека калливите води на Боров Дол нема да бидат и единствената опасност по околината, за која велат дека досега била беспрекорно еколошки чиста.

– Отворениот коп на рудникот се наоѓа точно над езерото Мантово кое досега беше познато по својата вода од прва категорија, полно со риби и поточни ракови. Се прашуваме како ќе биде кога рудникот ќе работи со полн капацитет и дали е ова крајот на едно убаво и чисто катче на природата – вели Стојанов.

Фото: Еколошкото друштво „Кленика“

Загрижени за тоа какви отпадни материи се испуштаат во потокот, тие побараа од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) да утврдат за што станува збор. Вчера од ДИЖС извршија увид, земени се мостри и се очекуваат резултатите.

ДИЖС зеде мостри за испитување /Фото: Еколошкото друштво „Кленика“

ДИЖС го задолжи Боров Дол да извршат мерења на површински води по испуст во реципиент.

„Мерењата беа извршени од акредитирана лабораторија, а откако извештајот ќе биде готов ќе ја известиме јавноста за наодите“, велат од Инспекторатот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот