Калајџиев: Не се пресудуваат 12 години затвор само со наративот „Сашо е лош“, треба и докази

Професор Гордан Калајџиев

Судењето за предметот „Таргет-Тврдина“ не докажа цврсто, издржано и без сомнежи кој го нареди и изведе незаконското масовно прислушување на граѓаните во Македонија, а овој напад што сега се случива од највисоките државни функционери врз судиите во Апелациониот суд е во најмала рака непримерен и ќе влијае и на натамошниот тек на постапката, вели професорот по кривично право Гордан Калајџиев во разговор за „Слободен печат“. По поништувањето на првостепената пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“ и силните јавно изречени реакции од страна на претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и неговиот претходник Зоран Заев, тој напиша статус на Фејсбук дека „е во тек државен удар врз судската власт“.

– Нападот од најодговорните и највисоките политичари со многу тешки обвиненија за криминал и корупција врз судот е во најмала рака непримерен, не само затоа што се работи на необјавена, неправосилна пресуда со што се криши принципот на презумпција на невиност, туку и затоа што со овој наратив ќе се доведе во прашање и натамошниот тек на постапката, со оглед на големиот јавен притисок врз судиите. Ваквиот начин воопшто не е фер. Деновиве ги слушаме критиките од САД за криминал и корупција во институциите и сега функционерите се обидуваат тој криминал и корупција да го свалат само врз судот, а токму извршната власт прави притисоци и влијанија врз судовите, што со непополнување на празните места, што со недоволен буџет за ефикасна работа итн. Не е фер ниту професионално да се коментира кога никој се уште не ја видел судската одлуката. Судската работа е сложена, овој предмет е обемен, особено е сложен и треба добро да се проучи за да се изнесе став. Не со навивање или со создадена атмосфера „сите знаеме дека Сашо Мијалков е лош, па ајде да го ставиме во затвор“. Не се прави така во серизни држави – вели проф Калајџиев за „Слободен печат“.

Не е невозможно дека Мијалков ги поткупил судиите, додава Калајџиев, сосема е можно, но тоа треба да се докаже.

– Не бев среќен кога се донесе пресудата. И јас како граѓанин бев прислушуван, имав и цеде со мои прислушувани разговори, кое не го ни преслушав и кое денес не ни знам каде ми е, но имам голем интерес да дознам кој ме прислушувал и мене и сите други, и има голема желба тоа да претсане. Но, како некој што се занимава и со човекови права, може да кажам дека ние после овој судски процес не дознавме со 100 отсто сигурност, со квалитетни докази, кој прислушувал во Македонија. Знаеме дека „Сашо е лош“, но ние во ниедно сведочење за време на судењето не слушнавме од ниеден сведок дека Мијалков го наредил прислушувањето, ниту видовме материјален доказ кој несомнено докажува дека разговорите излегле од УБК. Судот и обвинителство се должни со фер постапка да докажат кој прислушувал, но ние се уште не можеме со сигурност да се кладиме на тоа. Не се одговорија многу прашања, па и она од чиста логика, зарем Мијалов самиот ќе се прислушувал себеси? – вели Калајџиев.

Тој додава дека се високи барањата за да се обезбеди фер судење и стандардите за докажување се големи, особено во вакви случаи од висок профил, но такви се токму за да го легитимираат исходот, да се знае дека некој е осуден затоа што вината неспорно му се докажала во фер постапка.

– Надвор од секое разумно сомневање, тоа е термин што го користат Американците. Ние тоа не го добивме, не можеме да кажеме дека надовр од секакво сомневање знаеме дека Сашо Мијаков прислушувал. Тоа не е исполнето. Со 50 отсто веројатност не можете да испратите човек на 12 години затвор. Тоа е цивилизациски пристап, некој и ќе остане слободен ако нема доволно докази протв него и подобро е да имаме виновен на слобода, отколу еден невин во затвор – вели Калајџиев.

Тој смета дека навивачкиот пристап кон ваква обемна и сложена постапка е сосема непотребен, но, како што вели, и простачки.

– Слушаме наратив де не сакале судиите, де Сашо Мијалков ги поткупил, не велам дека тоа не е можно, но проблем е што веднаш се оди навивачки. Еве и јас  веднаш добиов обвинување дека и јас сум поткупен, дека и мене ме купиле штом изнесувам вакви ставови. Но, и јас сум жртва во овој случај. И јас сакав самиот да станам обвинител за да престане оваа пракса на прислушкување и да понесат одговорност оние што го сториле тоа, да се расчисти со тој начин, но онака, правно издржано, како што треба – вели професорот.

Калајџиев смета дека оној што го следел сложениот случај може и да го коментира, ако ги знае детаљите.

– Има замки, некои работи недоволно се докажаа. Мијалков бил директор на УБК, но прислушивањето не е под негова директоа надлежност, па ако тој го наредил прислушувањето, тоа е други дело, вршење влијание, а не злоупотреба на службената должност и овластување итн. Има правни работи и детаљи што јавност не може да ги знае и не може да ги разбере – објаснува професор Кајалџиев.

Тој додава и дека ако предметот заврши во Стразбур и ако падне, тогаш  судијата може да се повка на одговорност, односно, како што вели, „на  судиите не им е грижа за реакциите во јавноста, тие имаат грижа само да судат според законите“.

– Јавноста може да биде многу груба и агресивна, но тоа е нормално, затоа што не разбира. Но, политичарите на високи позиции? Па тие до ден денес не сакаат да се воведе сериозна контрола на прислушувањето и со прст не мрднаа – заклучува професорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ