Калајџиев: Екстрадицијата на Палевски може да потрае месец – два

Осомничениот Љупчо Палевски - Палчо со убиените Вања и Панче / Фото Колаж на СП / Социјални мрежи

Професорот по кривично право, Гордан Калајџиев, за „Слободен печат“ вели оти неговите проценки се дека Љупчо Палевски Палчо, осомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, во земјава би можел да биде испорачан со екстрадиција за еден или два месеца. Екстрадицијата, едноставно опишана, претставува предавање на осомничено лице на државата која што го бара. Таа е „дијамант“ на меѓународната соработка.

– Палевски е уапсен врз основа на меѓународна потерница на Интерпол. Првичното барање за екстрадиција мора да пристигне за 18 дена, инаку ќе го пуштат. Овој период во специјални случаи може да се продолжи на 40 дена . Тоа се однесува на барањето.

Одлуката за екстрадиција од Турција пак, има два дела. Едниот дел е судски. Во Турција има висок суд за тешки кривични дела, кој е првиот филтер кој мора да се помине и за таа одлука има право на жалба. Ако тој суд го пушти, тогаш отпаѓа можноста за екстрадиција, објаснува професор Калајџиев.

Тој додава дека ако судот одобри екстрадиција на Палевски, тогаш дополнително следува одлука на политичко ниво, на барање на министерот за правда на Турција.

– Министерскиот совет е тој што одлучува по барањето на министерот за правда на Турција. Значи, министерот за правда на Турција, врз основа на нашето барање да се екстрадира Палевски, мора да го предложи тоа пред министерскиот совет откако ќе го добие одобрението од судот. Последната одлука на Советот на министрите може да се обжали до високиот управен суд. Така што, моја проценка е дека без месец – два нема да биде оваа конкретна постапка, смета професорот.

Инаку, членот 18 од Кривичниот Законик на Турција е најпознатата придобивка поврзана со екстрадицијата. Според овој член, странско осомничено лице или осуденик, може да биде екстрадирано на странска држава што го бара. Но, екстрадацијата не е гарантирана во следните случаи: ако делото за кое се бара лицето не се смета за кривично дело според турските закони (принцип на двоен криминалитет), ако се смета за акт на слобода на мислата или исклучиво повреда предизвикана од политичка афилијација на бараното лице. Не се гарантира екстрадиција ни ако кривичното дело е против турската национална безбедност или пак кон безбедноста на лице со турско државјанство, ако застари делото или ако постои сомнеж дека бараното лице би било прогонувано или казнето поради неговата раса, религија, националност, политичко мислење или членство во општествена група.

Вчера Јавното обвинителство Скопје го изготви барањето за екстрадиција од Турција за Љупчо Палевски Палчо, првоосомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Од надлежните власти на Турција јавниот обвинител побара екстрадиција за Палевски, по кого беше распишана меѓународна потерница а од Интерпол е добиена информација дека на 5 декември е уапсен во Турција.

Во прилог на барањето за екстрадиција до турските власти ќе биде доставена  наредбата за истражна постапка против осомничениот, решението со кое од Основниот кривичен суд Скопје му е определен адвокат по службена должност и му е одреден притвор, како и наредбата за издавање меѓународна потерница. На турските власти ќе им бидат посочени и применетите одредби од Кривичниот законик во кои е содржан законскиот назив и обележјата на кривичното дело за кое се води истрагата и други релевантни одредби од македонското законодавство.

Одделението за меѓународна правна помош на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, врз основа на Европската конвенција за екстрадиција со дополнителните протоколи, Договорот за правна соработка во граѓанските и кривичните предмети меѓу Република Македонија и Република Турција и Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, ова барање за екстрадиција итно го достави до Министерството за правда.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот