Кај и да си, во август дома да си! Дијаспората одмора и троши пари во родниот крај
Свадби, крштевки, сунети, средби со роднините и со пријателите – локалните индустрии во многу македонски градови со душа го чекаат овој период од годината, бидејќи гурбетчиите се познати по својата „широка рака“. Повеќе од 5.000 виничани, главно од Италија, деновиве ги „окупираат“ рестораните, во Берово секој трет автомобил е со словенечка регистрација, на американските дебранци не им е тешко да го „препливаат“ океанот, во Гостивар нема термин за разубавување, а во Крива Паланка, заработеното во Германија и во Франција се троши и на реновирање на родната куќа.
Август е месец на дијаспората, а нашите гастарбајтери, кои цела година работат макотрпно, месецов одмораат и трошат пари во родниот крај. Свадби, крштевки, сунети, средби со роднините и со пријателите – локалните индустрии во многу македонски градови со душа го чекаат овој период од годината, бидејќи гурбетчиите се познати по својата „широка рака“.
Препорачано
Повеќе од 5.000 виничани, главно од Италија деновиве ги „окупираат“ рестораните, во Берово секој трет автомобил е со словенечка регистрација, на американските дебранци не им е тешко да го „препливаат“ океанот, во Гостивар нема термин за разубавување, а во Крива Паланка, заработеното во Германија и во Франција се троши и на реновирање на родната куќа. Градоначалниците на овие градови за „Слободен печат“ откриваат дел од навиките на иселениците, како го поминуваат летниот одмор, на што ги трошат парите и дали покажуваат желба за враќање и инвестирање во родниот крај…
Кај и да си, во август дома да си, се согласува Миле Петков, градоначалник на Виница. Од овој град, околу 5.000 граѓани се иселени во Италија, според последниот попис, а меѓу виничани одамна се раскажува и анегдота дека во малото гратче Канели, во близина на Џенова, дури и бројот пет – „чинкве“, не се изговара со италијански акцент, туку – на винички дијалект.
– Од крајот на јули и почетокот на август сè е во знакот на иселениците, улиците се полни, сè е раздвижено, нема термин за свадба од понеделник до недела. Нашите сограѓани најмногу работат во Италија и речиси секогаш го користат овој период за враќање во родниот крај – вели Петков за нашиот весник.
Од Дебар во САД се иселени околу 20.000 лица, а градоначалникот Хекуран Дука на шега вели дека во градот сега се останати 15.000 жители. Дука додава дека иселеничкиот тренд започнал во седумдесеттите години на минатиот век и сè уште трае.
– Градот врие од крајот на јули, бидејќи на нашите сограѓани не им е тешко да го „препливаат“ океанот, да се вратат во родниот крај и тука да остават дел од заработеното. Ова е добро за локалната економија, главно за угостителите и за услужните дејности, но, за жал, трае многу кратко. Се чувствувам како да спиеме цела година и живнуваме во овие месеци – додава Дука.
Иселеничките средби и масовните собири, кои ги организира Општина Берово, се можност во август да се соберат вредните гурбетчии од овој град, се надоврзува градоначалникот Звонко Пекевски. Тој открива дека улиците се полни, а секој трет автомобил е со словенечката регистрација, бидејќи таму се иселени најголемиот број од жителите на Берово.
– Доаѓаат и од Германија, Швајцарија и Италија и така е секоја година во овој период. Полни хотели, ресторани, закажани свадби, ова е добра инјекција за локалната економија. Жално е што по нивното заминување, градот им останува само на локалните жители, главно од постарата популација, бидејќи нивните деца се далеку од домот – констатира Пекевски.
И Гостивар пулсира во иселеничкиот ритам. Градоначалникот Валбон Лимани вели дека секоја година јули и август се резервирани за оние што се враќаат од Швајцарија и од Германија.
– Раздвиженоста е голема, гледам дека нема празно место по локалите, малите бизниси профитираат, се прават свадби и сунети, но помладата генерација веќе не троши толку пари по златарниците. Има интерес и за инвестирање, и тоа во малите бизниси, кои нудат потенцијал за извоз, а тоа би било добра можност за отворање нови работни места во Гостивар – дециден е Лимани.
Крива Паланка е уште еден град со многубројна дијаспора, и тоа главно во Германија и во Франција, а градоначалникот Сашко Митовски се согласува со своите колеги од другите градови дека август е претежно месецот кога нашинците најмногу си доаѓаат дома.
– И патрониот празник на градот е на крајот на август и тогаш имаме најголема раздвиженост. Иселениците имаат „широка рака“ и главно трошат пари во туристичко-угостителската индустрија, но во последно време го користат престојот во родниот крај и за вложување и реновирање на своите домови, што е исто така добра можност за локалните бизниси. Со оглед на економската ситуација во земјите во кои работат, дел од нив размислуваат и да се вратат, но пресудна е политичката стабилност и добрата бизнис-клима, која ќе ги натера да инвестираат – поентира Митовски.
Иселениците лани испратиле над 2 милијарди евра
Македонија е меѓу земјите од регионов каде што учеството на девизните дознаки, односно парите што ги испраќаат иселениците на своите семејства овде, во БДП е меѓу најниските, односно околу 2,5-3 отсто изминативе пет години, според процените на Светска банка.
Податоците на НБРСМ посочуваат дека во 2024 година, македонските иселеници во странство испратиле помалку пари во земјава, за разлика од 2023 година. Имено, вкупната сума на девизни дознаки лани стигнала до 2,018 милијарди евра, или за околу 70 милиони евра помалку отколку во претходната година. Во 2025 година, во првото тримесечје е забележан пад од 4 отсто на сменетите пари во менувачниците.


