Кафето е здраво ако се пие умерено и тазе приготвено

Многу истражувања го поврзуваат кафето со разни корисни влијанија врз нашето здравје – од намалувањето ризик од деменција, па до забрзување на метаболизмот, ако внимавате на неколку важни работи

Секако не е помалку важен фактот дека кафето дава дополнителна енергија во миговите кога ви е повеќе од потребна. Но, факторите како времето кога го пиете кафето, додатоците што ги користите, можат да го намалат влијанието на овој магичен пијалак. Еве кои други грешки не треба да ги повторувате ако сакате да уживате во вкусно кафе.

Купувате мелено кафе

Секако потребен е дополнителен труд ако сакате самите да сомелете зрна кафе, но истражување направено од научниот магазин „Фуд хемистри“ открило дека купеното мелено кафе, содржи повеќе слободни радикали што можат да доведат до оксидативен стрес и воспалителни процеси во телото. Исто така, важно е откако ќе го купите кафето, зрната да ги ставите во херметички затворен сад. Ако ги чувате во оригиналната вреќичка, тие со секое отворање ќе доаѓаат во допир со воздухот и тоа ќе го намали нивото на слободни радикали во него. Така се трошат корисните антиоксиданти во кафето и тоа губи од квалитетот.

Кафето го пиете рано наутро

Пиењето кафе во 7 часот наутро нема многу да влијае врз нивото на вашата енергија. Причина за тоа е што хормоните на стресот се на највисоко ниво токму кога ќе се разбудите, поради што ќе добиете природен налет од енергија. Стручните лица се согласни дека најдобро време за пиење кафе е меѓу 10 и 12 часот, кога нивото на кортизол (хормон на стресот) почнува да паѓа. На овој начин ќе го искористите природниот прилив на енергија што се случува наутро и ќе го „сочувате“ кофеинот за подоцна. Внимавајте и на количината испиено кафе. Тоа е здраво само ако не пиете повеќе од 5-6 филџани на ден, што е приближно 400 мг кофеин. Но ова се однесува на т.н. американско кафе, кое се пие разредено и во големи филџани. Пиењето многу кафе нема да ви помогне, дури може и да ви наштети.

Користите премногу додатоци за кафе

Една од најдобрите „нус-појави“ од кафето е стабилизирање на нивото на шеќер во крвта и намален ризик од појава на дијабетес. Но, што се случува кога во кафето ќе додадете шеќер? Истражувањата се поделени – некои се согласуваат дека со додавањето малку шеќер во кафето и понатаму можете да го намалите ризикот од дијабетес, додека други тврдат дека тие ефекти исчезнуваат со додавање шеќер. Затоа држете се до препорачаните дневни количини шеќер – малку е во ред, но не го претворајте кафето во десерт.

Предолго го пиете кафето

Ви звучи познато – сте приготвиле филџан кафе, пиете неколку голтки, а потоа заборавате на него неколку часови? Ако често ви се случува, имајте на ум дека киселоста на кафето расте со текот на времето. Тоа не е здравствен ризик, но дополнителната киселина може да доведе до лошо варење и зголемено нагризување на забната глеѓ. Исто така, кафето што долго време стоело, во себе содржи помалку антиоксиданти. Затоа, немојте да пиете кафе подолго од 20 минути.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот