Илустративно фото: Pixabay

Каде „одлетаа“ 80 проценти од термините за пациентите во 2024 година во Институтот за медицина на трудот?!

Институтот за медицина на трудот им оневозможил 80 проценти од термините за специјалистичко –консултативни услуги на пациентите, кои согласно членот 39-а од Законот за здравствена заштита морал да ги има обезбедено, произлегува од ревизорскиот извештај за работењето на оваа јавна здравствена установа објавен денеска.

Согласно членот 39-а од Законот за здравствена заштита, директорот на Институтот во „Мој термин“ е должен да  определи календар на активности на месечно ниво за секој здравствен работник кој дава специјалистичко – консултативни услуги.  Времетраењето на поединечен преглед е уредено со правилник со кој се воспоставува и обврска календарот на активности да биде дефиниран и јавно достапен во системот Мој Термин.

Но, календарот во 2024 година за пациентите бил „сиромашен“.

Со извршениот увид во податоците генерирани во Мој Термин, констатиравме дека во текот на 2024 година од страна на Институтот во просек се креирани само 20 проценти од законски задолжителните термини за специјалистичко консултативни здравствени услуги.

Од друга страна со извршениот увид во бројот на реализирани здравствени услуги по вид на упат, утврдивме дека од вкупно извршените 9.206 здравствени услуги во специјалистичко консултативната здравствена заштита, само 46 проценти се реализирани со редовно закажан термин, додека останатите 54 проценти се извршени здравствени услуги со упати како итен случај, 24 часовен упат или со упат без термин.

Наведената состојба влијае на остварување на начелата на достапност на здравствените услуги и еднаквиот третман на пациенти, констатира Државниот завод за ревизија во ревизорскиот извештај.

Во 2024 година Институтот за медицина на трудот не донел ценовник и не воспоставил целосна евиденција, контрола и следење на наплатата на средства по основ на издадените лекарски уверенија, утврди Државниот завод за ревизија.

Во текот на 2020 година набавен е медицински апарат стрес тест  во износ од 1.882 илјади денари кој е сметководствен евидентиран но до денот на ревизијата истиот не се користи.

Утврдивме дека Институтот не располага со соодветен стручен кадар за вршење на здравствени услуги со овој вид на апарат. Во текот на 2025 година, на барање на Министерството доставено до сите ЈЗУ за состојбата и статусот на опремата со која располагаат, Институтот доставил податоци и за овој апарат, но и покрај тоа се уште не е обезбедено вработување на соодветен кадар и не се даваат здравствени услуги за кои истиот е набавен, констатира ревизорот. 

Пронајдени се неправилности со ангажираните лица со договор на дело и констатирано е дека имало недоволно достапни редовни термини за здравствени услуги за пациентите.

Клучно прашање за ревизијата е дека не е обезбедено вистинско купување на здравствени услуги поради законската обврска на Фондот да обезбеди средства за целосно функционирање на оние јавно здравствени установи, во кои спаѓа и Институтот, кои поради повеќе причини не успеваат да остварат соодветен вид и обем на здравствени услуги во висина на договорениот надоместок, пишува во ревизорскиот извештај.

Во 2024 година склучени се 9 договори за дело за административно-технички персонал и 4 договори за консултантски услуги и исплатени се 2 милиони 639 илјади денари. Со извршениот увид во начинот на ангажирање на овие лица, контрола на редовноста и извршувањето на работните задачи утврдивме дека исплатите се извршени без да се достави доказ/извештај за извршената работа, ниту пак доказ за присуство на работно место. Наведеното може да влијае на целосноста на извршените активности предвидени во склучените договори, односно надоместоците да не се исплатени за реално извршена работа, пишува во извештајот на ревизорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот