Јовановиќ: Америка со санкционирањето на Груевски и Мијалков испраќа порака и до Мицкоски

Ненад Јовановиќ во гостување на Канал 5 / 3 декември 2021 / фото: Канал 5/принтскрин

Влегувањето на црната листа на САД на Никола Груевски и Сашо Мијалков е поради НАТО, а и поради тоа што оваа држава јасно фати правец со Западот, Европа и САД. Северна Македонија не може да седи на две столици, а овие двајца веројатно за Западот и НАТО претставуваат закана, вели во разговор за порталот Локално политичкиот аналитичар Ненад Јовановиќ.

Според него, САД ги санкционира Груевски и Мијалков затоа што можат со своите пари и влијание да предизвикаат криза и конфликт во земјата.

– Груевски доби азил од Унгарија, таа земја е на Орбан и партијата ФИДЕС. Не е на одмет да се потсетиме дека Орбан е личен пријател со Путин, и не е на одмет да се потсетиме дека Орбан е најголемата матица на сиот десничарско-олигархиски свет во Европа. Еден авторитарен лидер кој формално-правно е дел од Европа, ги користи нејзините пари и ресурси, а во својата земја владее недемократски и авторитарно. Не треба да потсетувам и на тоа што Груевски и Мијалков претставуваат во оваа земја и каков тип на владеење создадоа. Така што, САД не става на црна листа затоа што вие развивате тези за Фоербах, туку затоа што можете со своите пари и влијанија да предизвикате криза и конфликт во земјата. А знаете како е со кризите: или ја контролирате или воопшто не ја контролирате. Оттука, претпоставувам, Запад и САД овие луѓе ги сметаат за потенцијална закана, појаснува политичкиот аналитичар.

Тој смета дека оваа црна листа е направена поради тоа што Европа и САД се мобилизираат во сиот свој капацитет: финансиски, логистички, идејно и воено, појаснувајќи дека простор за седење на две столици нема – „или ќе бидеме сите со западниот и развиен свет или напросто нема да нѐ има“.

– Пораката на САД е за Груевски и Мијалков, воедно и е порака за Мицкоски. Да се приземји, да се обиде да проникне во реалноста и курсот на државата: Северна Македонија е со Западот, Европа и САД. Секое кокетирање со радикално-десни движења порано или подоцна може да го чини кариера, а може и да го чини азил, како неговото другарче во Будимпешта, Груевски“, смета Јовановиќ.

За тоа каква порака генерално испраќаат САД до политичарите во земјава со оваа одлука, аналитичарот децидно вели дека ако е јасен националниот и државен интерес со Западот големите земји ве држат за збор.

-Пораката е јасна: ако сте рекле дека вашиот национален и државен интерес е со Западот, Европа и САД, во тој контекст големите земји ве држат за збор. Ако сте рекле дека се залагате за дијалог, мир, владеење на право и демократија со сето свое шаренило, сериозните земји ги слушаат вашите зборови и ви веруваат. А тие што не им веруваат, гледаме, ги испраќаат на црни листи. Нема тука подлабока онтологија. Им велиш, ти веруваат. Ги изневеруваш, те пуштаат низ вода. Понекогаш таа вода е плитка, а понекогаш е длабока. Така функционира реал-политиката, појаснува тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот