Јавно изживување и говор на омраза
Опозицијата инсистира на антимодерен концепт: брутално и ладно да се напаѓа сè што треба да генерира мир, пријателство и соживот. Оттука, страдаат новинари и активисти – засега симболично – кои само за момент ќе ги потенцираат цивилизациските вредности.
Која е логиката на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните сателити за сите оние кои не им се наклонети, односно оние кои гледаат дека водат штетна политика во општеството и генерираат огромна негативна енергија во јавноста? Ваква е нивната логика: ние ним ништо нема да им правиме, нема да ги убиваме, само малку вербално ќе ги черечиме за да може комшиите да ги презираат. Чисто колку да покажеме што е демократија во вмровска изведба, а во суштина ние сме страшно толерантни. Така битанги, да ми простите на изразот, ја разбираат демократијата.
Препорачано
Нападите врз новинари и активисти кои не се сложуваат со опозициската политика претставува грижливо темпиран конфликт на две филозофии на животот, како еден вид два идеолошки концепта во кои опозицијата смета дека треба да победи архаичниот концепт за разбирање на власта како семоќ во која Уставот и законите не се ништо друго освен орнамент на еден човек, автократ. Опозицијата инсистира на антимодерен концепт: брутално и ладно да се напаѓа сè што треба да генерира мир, пријателство и соживот. Оттука, страдаат новинари и активисти – засега симболично – кои само за момент ќе ги потенцираат цивилизациските вредности. Таквите вредности денешната опозиција со Мицкоски ги претставува за своевиден ерес, ги нарекува „пропагатори на мафијашкиот режим“.
Политиката на Мицкоски не работи во интерес на јавноста и на своите гласачи, туку преку своите медиумски канали води перфидна игра против државата Северна Македонија, а би било многу добро да се покрене и истражување – зошто во овој момент се создава таква атмосфера? На Твитер, пак, преписките и дифамацијата се одвива уште побрутално: само се чека да се види во чиј грб најбрзо ќе завршат реторичките „куршуми“.
Најчестиот вокабулар што проаѓа во јавноста, за жал, е следниот: предавници и странски платеници. Овие етикети не мора ниту да се докажуваат, не бараат објаснување, едноставни се и нивното значење е еднозначно. Еднозначноста е во пресудата! Нема ништо друго освен популистичко пумпање на три пресуди: домашен предавник, странски платеник и национално предавство. Од друга страна, Христијан Мицкоски не се произнесува зошто овие пресуди ги пласира во јавност, зошто не го осудува говорот на омраза, не зборува ништо за овие тешки зборови кои се трансферираат во јавноста; дури, парадоксално, излегува дека тој дополнително ги стимулира и ги поттикнува.
Не мора да ве потсетувам на многу луѓе кои, за жал, починаа од ковид-19, припадници на СДСМ, а на социјалните мрежи дури и починати луѓе беа масакрирани од тој „патриотски табор“. Таква некрофилија е незапаметена во јавниот дискурс. Медиумите на кои припаѓа или се „сервисира“ опозицијата водат антидржавна кампања или, да бидам многу попрецизен, нивната политика вели: колку полошо за Македонија, толку подобро за нас. Напаѓаат сè и секого што не гледа ништо спорно во денешната политичка парадигма која се води во државата. Го напаѓаат кризниот штаб, нашите доктори и медицинскиот персонал, бараат оставка од сета здравствена комисија заедно со министерот Филипче.
Неверојатна е таа бесчувствителност и игнорантност на Мицкоски, неверојатно е тоа насилство и примитивизам што се одвива на социјалните мрежи. Не вели да се смират, не апелира да се воздржат, ниту им се извинува на сите оние луѓе кои неговите епигони и ботови ги черечат во медиумите. Што, од друга страна, ми кажува дека на оваа „патриотска“ господа навистина им недостига патриотизам, односно немаат никакви патриотски чувства. Да потсетиме на една фундаментална политичка максима: патриотизмот е камен темелник на човековата моралност, светина на човечката душа. Нека запомнат Мицкоски и неговите сателити дека патриотизмот е најголемиот украс на човечката душа. За жал, денешните опозиционерите такви чувства не поседуваат.
Никој во оваа држава не смее да се чувствува како странец, предавник или како одроден. Или ова парче земја ќе биде на сите, или нема да не биде. Другата парадигма во оваа земја е помирувачката, пријателската и сојузничката. Со еден збор: во Македонија на сцена е европската парадигма. Денес, пријатели, нема алтернатива за политиката на Заев, а ќе бидам искрен и ќе ви кажам зошто – тоа го потенцирам секогаш кога е потребно: човекот не е националист и со сигурност знам дека во оваа земја може да се биде Македонец по етничка линија, а може и да се биде Македонец и според „национално неприпаѓање“. Односно, да се биде Македонец не е прашање на стадо, туку на љубов и на политички ангажман, ако сакате. И дури: да се биде Македонец е прашање на емоција. Да си ја сакаш земјата во сета своја различност, тоа ми се чини е права карактеристика на „вистински Македонец“. Не во својата монолитност, повторувам, туку во својата различност и разиграност.
Со сигурност знам дека ова се заложбите на Заев. И затоа велам, со мирно срце и силна волја, денес за него нема политичка алтернатива во оваа земја. Да се препознае контекстoт – земјата од сатрапија, тиранија и од перманентно насилство да се заврти кон Запад, тоа е многу важен момент. А ако размислуваме компаративно, што ни вели „здравиот разум“, дури и парадоксално ако сакате, ќе го заклучиме следното: државата е променета, се внимава на слободите на граѓаните, има правец, се движи кон целта, се почитуваат и се афирмираат малцинските права. Од друга страна, се фрла со дрвја и со камења по Заев, се бара Груевски, Мицкоски, се бараат нови тирани кои ќе добијат се, а нам ќе ни се одземе се останато. Aма овој парадокс е добар, затоа што преку него ни се објаснува кој и во каква држава сака да живее. Ние сакаме да живееме како слободни и достоинствени луѓе, и тоа е сета разлика на овој век и свет.
А има и слобода во оваа земја. Добро, има и мудреци пред кооперација кои велат дека слободата не се мачка на леб. Тоа, пак, е плиткоумна и банална констатација. Напротив, ништо поубаво не се мачка на леб од слободата. Таму каде што има слобода има и леб, дури и во изобилие, а таму каде што нема слобода нема ниту леб, а дури и ако го има, тој се дели како во затворски порции. Прашајте ги довчерашните колеги и пријатели како им беше додека владееше Груевски и ќе ви речат сè, ако се искрени и ако навистина веруваат дека таму каде што има слобода, најчесто има и леб во изобилство.


