Јанкуловска на сведочење за сефовите во ВМРО-ДМПНЕ: Донаторите некогаш му ги даваа парите на Груевски

Архива на СП

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска денеска на барање на Обвинителството сведочеше на рочиштето „Плацевите на Водно”, односно за тајниот имот на екс премиерот Никола Груевски, јавува Фокус.

Јанкуловкса беше распрашувана од  страна на обвинителката Лиле Стефанова за начинот на кој се финансирала ВМРО-ДПМНЕ, за да се докаже тезата на обвинителството дека Груевски парите за плацевите на Водно ги обезбедил од партиската каса.

Поранешната министерка изјави дека таа може да зборува само за периодот кога била генерален секретар на партијата, во периодот од 2004 до 2006 година.

–Партијата во тој период имаше сериозни потешкотии во обезбедување на финансиски средства. За разлика од регулативата која е денес, партиите да се финансираат од буџетски средства, тогаш не беше така. Тогаш се финансираше преку донации, односно на доброволна основа ги даваа физички лица, рече Јанкулоска.

-Донаторите беа прилично воздржани, бидејќи партијата беше во опозиција, па не сакаа јавно да се знае дека се блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Па се случуваше донаторот да разговара со претседателот на партијата, да ја истакне волјата да донира, па претседателот ги договараше начинот и условите како можат да и помогнат на партијата, изјави Јанкулоска.

Таа истакна дека се случувало претседателот (како што го нарекуваше Груевски за време на сведочењето), да ја повика додека е на состанок со некој од донаторите.

-Тогаш ми кажувале дека тој и тој сака толку и толку да донира за партијата. Некогаш донацијата била дадена истиот ден, или се случувало да ги остават парите на претседателот ако не сум била таму, додаде таа.

Обвинителката Стефанова ја праша дали кога парите му ги давале лично на Груевски, дали таа имала сознанија за висината на донираната сума?

-Јас имав евиденција за сумата која ќе ми се дадеше на мене, за тоа дали се договарала повеќе или помалку, тоа не знам, истакна поранешната министерка.

-Да, имаше два сефа во мојата канцеларија, едниот беше голем, масивен, од 1,5 метри и мало сефче, како каса, и се чуваа парите кои се користеа на дневна основа. Големиот сеф практично не беше во функција, бидејќи не беше отворан. Ниту сум знаела шифра, ниту пак сум имала клуч, рече Јанкулоска.

Таа дополни дека, во старото седиште на партијата, имало повеќе сефови во повеќе канцеларии., како и еден во канцеларијата на Никола Груевски.

Според обвинението, Груевски, од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиските донации што ги добивал, лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот