Јанкулоска: Судењето против мене се водеше на брутален начин и на пониско ниво од Нирнбершките процеси
Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која за набавката на луксузниот блиндиран „Мерцедес“, ја одлежа затворската казна во случајот „Тенк“, во интервју за МИА изјави дека судскиот процес против неа се водел на брутален начин и дека правата на обвинетите биле на пониско ниво дури и од оние во Нирнбершките процеси по Втората светска војна.
Препорачано
Таа вели дека постапката била поведена под притисок на „силна пропагандна машинерија“ и во услови на јавен линч.
„Почитувањето на процесните правила, доказите и материјалното право слободно можам да кажам дека беа на значително пониско ниво од она што го имале Нирнбершките процеси во времето во кое се случувале, па дури и на пониско ниво од судењата за време на Информбирото во однос на остварување на процесните права“, наведува ексминистерката во интервјуто.
Таа вели дека овој чекор на ЕСЧП како дел од процесот низ кој очекува да се констатира повреда на членот 6 од Европската конвенција за човекови права односно повреда на Правото на правично судење, го гледа како еден логичен след на настаните.
„Од самиот почеток на постапката за овој предмет пред македонските институции, за оние кои сакаа да бидат објективни беше очигледно дека во него не постои кривично дело (кое како такво е предвидено во Кривичниот законик) и аналогно на тоа дека не треба воопшто да се води постапката“ нагласува Јанкулоска.
Нирнбершките процеси се серија воени трибунали одржани по Втората светска војна, каде што им се судеше на истакнати лидери на нацистичка Германија за воени злосторства и злосторства против човештвото.


