Јанева и Боки 13 заминаа на „годишен одмор“

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Додека се чека одлуката на Апелација, поранешната специјална обвинителка повеќе од 300 дена „се одмoра“ во семејната куќа во Гевгелија. Сега следува период на колективен одмор во судството, па претпоставките се дека најрано во септември можно е да има пресуда од Апелацискиот суд.

Скопскиот Апелациски суд никако да донесе пресуда дали Катица Јанева, поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство, е виновна или не за аферата „Рекет“. И двете страни во случајот, државата претставувана од Јавното обвинителство и адвокатите на Јанева, имаат поднесено жалба до Апелација. ОЈО бара наместо првопресудените седум години затвор за Јанева, казната да биде поголема, а пак нејзините адвокати бараат помала казна. 

И додека се чека одлуката на Апелација, поранешната специјална обвинителка повеќе од 300 дена се одмора во семејната куќа во Гевгелија. Таа во својот дом го издржува куќниот притвор што ѝ е определен во случајот „Рекет“, каде што со неправосилна пресуда доби 7 години затвор.

– Катица Јанева е во родниот град каде што ја чека пресудата на скопска Апелација. Нејзината здравствена состојба е добра и големо олеснување за неа преставуваше што ѝ беше дозволено наместо во Скопје, домашниот притвор да го мине во семејната куќа во Гевгелија. Од наша страна е поднесена жалба по однос на првостепената пресуда. Се одржа јавна седница во Апелација каде што беше образложено нашето барање за намалување на првостепена пресуда од седум години затвор. Сега следува период на колективен одмор во судството, па нашите претпоставки се дека некаде во септември да речеме, можно е да има пресуда од Апелацискиот суд – вели адвокатот Дељо Кадиев, еден од адвокатите на Јанева.

Само 30 дена помалку од Јанева, или поточно повеќе од 270 денови, поминаа откако на 30 октомври минатата година исто така скопска Апелација ја уважи жалбата за замена на затворскиот со домашен притвор на обвинетиот Бојан Јовановски, познат како Боки 13, второобвинет во аферата „Рекет“.

Јовановски извесен период имаше здравствени проблеми и често од притворското одделение во истражниот затвор „Скопје“ беше хоспитализиран во скопските болници, поради што беа одложени и неколку судски рочишта за случаите во кои тој е обвинет.

На 18 јуни лани, Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева беа прогласени за виновни во случајот „Рекет“. Јовановски доби затвор од 9 години за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева 7 години за злоупотреба на службената положба и овластување.

Со Јовановски и Јанева на обвинителната клупа седеше и Зоран Милески-Кичеец, обвинет за примање награда за противзаконито влијание, но само на првото рочиште, бидејќи призна вина и веќе наредниот ден (4 декември 2019) доби затворска казна од три години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот