Ја силувале, па ја уценувале – девојче од липковско морало да краде од родителите за да им плаќа на уценувачите

Основното јавно обвинителство Куманово ќе поведе истражна постапка и ќе предложи мерка притвор за две лица осомничени за кривично дело полов напад и силување од член 186 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, при што едниот од осомничените се гони и за кривично дело уцена согласно член 259 од истиот закон.

Според информациите од обвинителството, првоосомничениот, спротивно на јасно изразената волја, извршил полови дејствија врз малолетна девојка на подрачјето на липковско, а ја принудил на полови дејствија и со второосомничениот.

По извршеното кривично дело, првоосомничениот ја уценувал жртвата дека наводно ќе објави нејзини експлицитни фотографии доколку не му исплати сума од 20.000 евра. Под ваков притисок, девојчето било принудено да зема пари од домот без знаење на родителите, како и да позајмува средства од други лица, по што во повеќе наврати му ги предавала парите на осомничениот.

Јавниот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Куманово доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, кои во моментов се лишени од слобода.

Од Основното јавно обвинителство Куманово информираат дека истражните дејствија продолжуваат, а во интерес на постапката и заштитата на малолетната жртва упатуваат апел до медиумите за внимателно, одговорно и етичко известување, исклучиво врз основа на официјални информации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот