Известувачот во ЕП Вајц остро критикува за Судскиот совет: „Загрижувачко мешање од Владата“
Постојаниот известувач за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, денеска реагираше на притисокот на кој власта ги изложува дел од членовите на Судскиот совет – да поднесат оставки или да бидат разрешени. Во изјава за „Независен“, Вајц вели дека целиот притисок кон петтемина членови на највисокото судско тело за чија работа беа изгласани интерпелации во Собранието, е „загрижувачки“.
Препорачано
„Овој повик од Владата е загрижувачки знак за политичко мешање во судството. Независноста на судскиот систем е од клучно значење за владеењето на правото и поделбата на власта, кои се фундаментални вредности за патот на Северна Македонија кон ЕУ“, вели Вајц за „Независен“.
Собранието на седницата во вторникот им изгласа недоверба на петтемина членови на Судскиот совет избрани од Собранието – Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми. Зад иницијативата за интерпелациии, поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство, но гласањето во Собранието не е обврзувачко и за тоа дали ќе заминат од функциите, петтемина „жигосани“ ќе одлучат самите, како што налага и Законот за Судски совет.
Премиерот Христијан Мицкоски завчера во изјава за медиумите рече дека очекува тие да ги напуштат позициите, затоа што немале кредибилитет да бидат на тие места. „Јас очекувам нивна морална одговорност и да ги напуштат позициите коишто ги имаат заробено, затоа што немаат никаков кредибилитет да бидат на тие места“, изјави Мицкоски.
Американската амбасадорка Анџела Агелер денеска изјави дека многу внимателно ги следат процедурите во Собранието и изјавите во врска изгласаните интерпелации за петте членови на Судскиот совет.


